Живот 21.06.2018 14:21

Повеќе од една година ќе треба за набавка на систем од заштита на град

Повеќе од една година ќе треба за набавка на систем од заштита на град

Системи за заштита од град ќе бидат поставени на 181 локација низ Македонија на приоритетни места како Ресен, Преспа, Тиквеш и Струмичко, но процесот за нивна набавка, кој веќе е започнат, ќе биде заокружен идната година.

\Како што објасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, станува збор за сосема нова, современа и целосно автоматизирана опрема, која ќе ги покрие овие критични точки. Исплатата најверојатно ќе се реализира на пет или шест години, преку Програмата за рурален развој.

– Очекувам во 2019 година процесот за набавка да биде заокружен. Доста е комплексен и трае. Моментно работиме на правните процедури, на утврдувањето на техничката спецификација за набавката што треба да се направи. Ако секоја година плаќаме по пет милиони евра штети, зошто не би платиле дел од тој износ годишно за купување ваков систем – рече министерот.

Софистицираните градобијни системи, какви што имаат Грузија и Бугарија, обезбедуваат над 95 проценти заштита на земјоделските посеви.

– Остваривме средба со земјоделците во Ресен. Три часа се разговараше за сите отворени прашања, меѓу кои и градобијната опрема. Но не се работи за враќање на овој систем, туку за воведување сосема нов, автоматизиран систем на кој работиме – објасни министерот.

Асоцијацијата на земјоделци апелира државата да го врати системот на градобијна заштита. Ваквото барање се актуализира по минатонеделното невреме, кое во источна Македонија, според првичните процени, предизвика штети од околу пет милиони евра, зафаќајќи 5.000 хектари површина, од Велешко Брдо до Црнилиште, Светиниколско.
Од невремето најмногу настрадаа житните култури, лозјата, овошните насади и градинарството, а предизвикани се и материјални штети.