Актуелно 21.01.2019 23:33

Правеа циркус и протестираа против себе, а сега се кријат кога Скопје го промовираа за најзагадена престолнина во светот

Правеа циркус и протестираа против себе, а сега се кријат кога Скопје го промовираа за најзагадена престолнина во светот

Речиси целата земја со денови се гуши во загадениот воздух, а вечерва најзагадено е во Струмица 303 ПМ 10 честички на метар кубен, Гостивар 202 ПМ 10 честички, додека кај ректоратот во Скопје мерните станици покажуваат 201 ПМ 10 честички на метар кубен.

Владата предводена од СДСМ не мрднува со прст, иако тоа го ветуваа за време на изборните кампањи и во секоја прилика додека беа во опозиција.

За потсетување на јавноста во септември 2017 година власта со пароли и скендирање „нема воздух,нема мир” и „сакаме воздух, не се дише”, одржа марш за чист воздух и протестираа сами против себе.

На тогашниот протест пред Владата, со маски на устите се појавија и министрите Дамјан Манчевски, Роберт Поповски, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, како и пратеникот Павле Богоевски.

Маршот го поддржаа и тогашните кандидатите за градоначалници Петре Шилегов, Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, Златко Марин. Тие заедно со граѓаните пред Владата извикуваа „сакаме воздух”, а потоа тргнаа да маршираат. Функционерите маршираа само неколку десетици метри, односно до Боемската улица.

Само година и половина од протестот истите тие кој протестираа се сега на власт и градоначалници на најзагадените скопски општини кои бегаат од одговорност, ниту пак преземаат нешто.

И додека тогаш невладините организации ја осудуваа претходната власт и градоначалници за загадениот воздух, во моментов си ги подвиткаа опашките и никаде ги нема.

Парадоксална е изјавата на заменикот министер за животна средина Јани Макрадули во 2013 година каде велеше дека нема ништо поважно од здравјето на граѓаните.


Само неколку години од оваа изјава народот на виделина јасно ја гледа нефункционалноста на власта како и едноставното тепање на функционерите за министерски фотелји.

-Особено ПМ 10 честичките предизвикуваат кардиолошки и белодробни болести кои за жал се канцерогени, најмногу удираат по децата и хронично болните. Заштитата на животната средина е на последно место во владата, тоа можете да го видите и во буџетот каде што повеќе пари се даваат за згради во МВР, отколку за заштита на животната средина, а Европската комисија констатира ограничен, скоро никаков напредок во областа на животната средина, тогаш велеше Макрадули.

Сликата, иако според неговата изјава од минатото требаше да биде сменета, граѓаните се свесни за не преземањето на буквално ништо во врска со овој проблем со кој се мачи целата земја.

Општините не ги почитуваат препораките – продолжуваат градежните активности и покрај високото загадување

Скопските општини не ги почитуваат препораките на градската администрација. И покрај екстремното загадување дозволуваат на терен се уште да траат градежните активности. Камерата на 1ТВ регистрираше неколку случаи, каде во повеќе општини во Скопје продолжуваат градежни работи на објектите. Ова се коси со одлуката на администрацијата на Шилегов која реши да ги стопира градежните активности кои се под нивна надлежност, токму поради високото аерозагадување, објавува 1ТВ.

Во вчерашното гостување во централниот дневник на 1ТВ, портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиу изрази надеж дека останатите градоначалници ќе тргнат по стапките на градската администрација, но тоа се уште не се случи.

– Секако дека има соработка меѓу градоначалникот на град Скопје и другите градоначалници. Преку летото имавме неколку акции каде што со самите општини ги чистевме истите, успеавме да собереме голем куп на смет што е резултат на нечистењето со години на истите општини. Секако дека во овие денови тоа што е Комунална хигиена работи за град Скопје и ги чисти булеварите и затоа апелираме до сите градоначалници да го следат примерот на град Скопје, поинтензивно да работат на тоа што е нивна надлежност. Не само чистењето на улиците туку и градењето, изјави Салиу.

Но освен градските власти мерки за загадувањето донесе и Владата. Со нив се предвидува сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, јавните претпријатија во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.