Актуелно 29.01.2024 11:53

Празните државни простории да се дадат на старт-ап компании!?

Празните државни простории да се дадат на старт-ап компании!?

Стопанската комора преку Асоцијацијата на млади претприемачи -ТИМ 40 бара од креатирите на политиките во земјава вистинска стратегија за следниве 10 години. Политичарите треба да подготват терен за водење бизнис кој ќе донесе предвидливост, кој треба да има концепт па стопанствениците да може својата визија да ја развиваат континуирано испорачувајќи позитивни економски реултати. Планот на оваа Асоцијација на млади бизнисмени е да се направи цесолен рестарт на македонското стопанство.

Младите претприемачи предлагаат девет насоки за подобрување на состојбите но и итни реформи кои ќе бидат веднаш применливи. Тие предлагаат модерни даночни решенија, решавање на економски пречки кои ретко кој ги забележува, продукциски фонд за јакнење на домашната култура и идентитет. Младите стопанственици бараат бела листа на плаќачи на данок, можност за исплата на 14-та плата без одданочување, како и за секое ново вработено лице кое ќе остане на работа најмалку една година, работодавачот да биде ослободен од плаќање на придонеси уште три месеци.

Младите претприемачи бараат и решавање на проблемот што го имаат со рекламирање на Google кој не го препознава македонскиот јазик поради што тие се принудени да се рекламираат на латиница наместо на кирилица.

„Младите бизнисмени имаат знаење и имаат создадено капитал којшто може да го преместат надвор од државата доколку се разочараат, пред се во политичката сфера. Сакаме да видиме концепт за базичните работи, концепт за иднината во однос на здравството, образованието, инфраструктурата, каде Македонија ќе биде во наредните 10 години и како политичките лидери планираат да го остварат тоа“, велат од ТИМ 40 при Стопанската Комора.

Зошто неискористените државни простории да бидат празни и да пропаѓаат бидејќи никој не ги користи, прашуваат младите претприемачи. Нивното прашање до надлежните во државата е, зошто тие објекти или простории не се дадат на старт-ап компании? Исто така може да се зголеми и безбедноста на дигиталната инфраструктура и да се креира продукциски фонд со цел да се создаваат серии како што тоа го прават соседните држави. Овие серии на аукција би им се понудиле на националните телевизии, а собраните средства би се реинвестирале. Сериите од национален интерес би биле дадени на националниот сервис. Ова се само дел од креативните идеи на младите стопанственици.

„Единствената светла точка во нашата држава е бизнисот. Тој е менлива категорија и секогаш носи нови изненадувања. Стопанската комора опстанала повеќе од 100 години бидејќи таа во својата суштина прави репродукцијана кадри и на фирми кои може да се спрваат со проблемите. Доаѓањето на оваа млада екипа (ТИМ 40) во Комората по природен пат, само е една потврда дека на Комората така препознаена и се приклучуваат нови и нови сили не како поединци и фирми туку како институции кои имаат своја поставена цел и со поддршка на Комората истото ќе го остварат.“ велат од Стопанската комора.

Во ноември лани Владата ја објави новата стратегија според која државата посериозно треба да води грижа за идните генерации. Програмата предвидува мерки и активности заклучно до 2027 гонина. Се предвидуваат различни мерки со кои треба да се намали младинската невработеност и подобрување на вештините кај младите.

„Планирани се обуки и програми за дигитализација на бизнисите и учење меки вештини, законско решение за ослободување од плаќање на персонален данок на доход во првите 3 години од започнување стартапи од млади, организирање годишен саем на кариерни можности, како и официјален сајт за дигитални номади“, стои во Националната стратегија за малди 2023 – 2027 година.

Младите бизнисмени ги испратија своите барања до Илинденска број два, каков ќе биде одговорот од властите засега не се знае. Тоа што се знае е дека висината на платите кои се нудат во Македонија не се повеќе причина за заминување од државата. Се повеќе условите за започнување и водење бизнис се во постојан пад. Дополнително младите луѓе не сакаат партизирани институции, „фаќање врски“ за остварување на некое нивно право. Ставот на оваа група на млади претприемачи е дека сега доаѓа нивното време, а доколку проценат дека тоа време во земјава ќе им биде изгубено и залудно потрошено, и тие ќе си купат билет за во еден правец.