Актуелно 20.11.2023 10:37

Предлог-буџетот од 5,5 милијарди евра влезе во собраниска процедура

Предлог-буџетот од 5,5 милијарди евра влезе во собраниска процедура

За Владата се работи за развоен и одржлив буџет кој ќе обезбеди фискалната одржливост. За опозицијата пак се работи за напумпан и нереален предлог-буџет кој нема да донесе развој, туку само криминал и корупција. Од 2018 година до денес власта потрошила 25 милијарди евра низ буџети, но не неправила ништо ново, велат од опозицијата.

Во образложението за предлог-буџетот се вели дека се гарантира редовна исплата на платите, на пензиите и на социјалната помош, како и на сите други потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека во предлог-буџетот се испланирани и повисоки пензии и плати во јавниот сектор, но не и на функционерските плати.

Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти повисока во однос на годинава, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на буџетот од годинава. Се очекува растот на економијата да биде 3,4 проценти, а стапката на инфлација е проектирана на 3,6 проценти.