Притвор во траење од 30 дена им е одреден на седум лица, а на едно лице му е изречена мерка за обезбедување присуство во случајот со осомничените за трговија на артефакти од непроценлива вредност.
„Надлежниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за седум лица и мерки за обезбедување присуство за еден од осомничените. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на седуммината осомничени им изрече мерка притвор во траење од 30 дена, а за едно лице изрече мерки за обезбедување присуство“, се вели во соопштениото од ОЈО.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица – македонски државјани. Сите осомничени се товарат дека сториле кривично дело Злосторничко здружување по член 394 од Кривичниот законик. Покрај ова, осомничените сториле и други кривични дела и тоа: шестмина се сомничат и за Изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по чл.266 од Кривичниот законик, на 11 осомничени лица им се става на товар и кривичното дело Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по член 265 од Кривичниот законик, шест лица од осомничените се товарат и за кривично дело Прикривање по член 261, а три лица и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 од Кривичниот законик, се вели во соопштението.
По едногодишна коодинирана акција со Министерството за внатрешни работи било утврдено дека тројцата првообвинети со цел стекнување на противправна имотна корист создале група со која на територијата на Република Македонија превземале заеднички или поединечни дејствија на присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости.
На групата се придружиле и останатите осомничени, па како добро организирана криминална група, со однапред договорени задачи за секој од припадниците, дејствувала во периодот од втората половина на 2017 година до 04.10.2018 година.
Според истрагата, осомничените биле во постојана комуникација разменувајќи информации за позиционираност на археолошки локалитети на различни локации што содржат недвижни добра под привремена заштита односно културно наследство низ целата територија на Република Македонија. Информациите меѓусебно ги споделувале и заедно или самостојно, заминувале на археолошките локалитети каде што вршеле мерења на теренот, а потоа користејќи детектори за метал, самите или со други лица, вршеле илегални ископувања.
„Пронајдените археолошки предмети, што претставуваат добра под привремена заштита, односно културни добра и природна реткост ги присвојувале и држеле во сопствените домови или ги прикривале кај НН припадници од групата. Групата, археолошките предмети и природните реткости со непроценлива материјална вредност во сопственост на државата ги присвојувала и преку социјалните мрежи или во директни контакти со НН купувачи од земјата и странство, ги нудела на продажба, истите ги продавала и ги изнесувала надвор од Република Македонија – во странство без дозвола од надлежен орган. Со ваквата постапка предметите трајно ги отуѓувале и на тој начин предизвикале непроценлива материјална штета за Р.Македонија.
При претрес на домовите на осомничените пронајдени се предмети под привремена заштита, односно културно наследство со непроценлива вредност сопственост на Република Македонија како и природни реткости прибавени со кривично дело и истите се предадени на идентификацијa“, соопштуваат од ОЈО.