Електронските дневници познати како е-дневници оваа учебна година воопшто не функционираат во основните и средните училишта, објави „Алсат“. Според образложението на МОН, причината е технички проблем со ЕМИС системот кој ги собира и обработува податоците важни за наставниот процес во земјава. Но, нефункционирањето на е-дневникот го поздравија наставниците кои бараа овој проект да се укине, бидејќи им одземаше многу време.
Електронскиот дневник од почетокот на годината не работи и според мене е добро што не функционира, бидејќи ние како наставници треба повеќе да посветиме време на часовите, да бидеме пофлексибилни, да бидеме порасположени на час со учениците, а не да се занимаваме со административни работи, кои и во класичниот дневник ги запишуваме“, рече Регаип Мустафа- наставник.
Наставничката Ема Демировиќ оценува дека е-дневникот не ги дал посакуваните резултати. Според неа, воопшто не се зголемил интересот на родителите за успехот на нивните деца, особено на оние со послаби оценки.
Од Министерството за образование велат дека е-дневникот повторно ќе биде активиран од следната недела. Но, немаат конкретен одговор дали наставниците треба да ги пополнуваат и за деновите кога системот не работел.
До крајот на оваа недела верувам дека истите ќе функционираат и ќе треба да се исполнат некои минимални потребни податоци со кои треба да располага и Министерството за образование, рече Арбер Адеми, министер за образование.
Покрај основните и средните училишта, за електронските дневници големи забелешки имаат и вработените во градинки. Многу од воспитувачките зад камерата на Алсат истакнаа дека возраста на децата во градинка бара повеќе време и внимание и дека тоа не треба да се троши на административна работа