АД ЕСМ и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денеска потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија, соопшти АД ЕСМ.
Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од KfW Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра.
Договорите беа потпишани од Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE, а присуствуваа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амасадорката на Германија Петра Дрекслер.
Министерката Божиновска истакна дека „овој проект претставува моќен симбол за тоа што може да се постигне преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина“.
– Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја, оцени Божиновска.
Германската амбасадорка Дрекслер изјави дека Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина.
– Проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус, рече Дрекслер.
Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, истакна дека Европската Унија со својата финансиска и институционална поддршка ги претвора денешните енергетски предизвици во идни пробиви на чиста енергија.
– Инвестицијата на ВБИФ во фазата 2 на ветерниот парк Богданци, со грант од 9 милиони евра, е доказ за долгорочната заложба и партнерство, како со КфВ така и со Владата, поддржувајќи ја Северна Македонија во забрзувањето на нејзината зелена енергетска транзиција. Ова е модел на успешно партнерство во рамки на Зелениот договор, а проширувањето претставува значаен чекор на патот на Северна Македонија кон декарбонизација на енергијата и регионална климатска отпорност, кажа Худолин.
Генерален директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев посочи дека во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе започне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година.
Пабло Обрадор, раководител на Енергетскиот оддел при КфВ, рече дека енергијата од ветер е незаменлива во современиот енергетски микс. Таа нуди пат кон почист воздух, намалени емисии на стакленички гасови, енергетска независност, економски раст и долгорочна одржливост. Од 2014 година, ветерниот парк Богданци стана пример дека енергијата од ветер може да игра многу важна улога во напорите за зелена транзиција и јаглеродна неутралност, посочи Обрадор.
Стјепан Черкез, SGRE – Раководител на продажба за Источна Европа, Блискиот Исток и Турција, пак, изрази благодарност до Владата, АД ЕСМ и КФВ за укажаната доверба и најави дека по успешно реализираната прва фаза од проектот за Ветерниот парк Богданци, со еднаква посветеност и успех ќе ја завршат и втората фаза.
Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.