Економија 24.04.2018 12:29

Производителите на бетон самостојно ќе вршат контрола на квалитетот и својствата на бетонот

Производителите на бетон самостојно ќе вршат контрола на квалитетот и својствата на бетонот

Законот за градежните производи предвидува поголема одговорност за производителите на градежните производи

Со Законот за градежните производи од 24 јуни 2015 година се предвидоа повеќе промени особено во однос на начинот на контролата на производството на градежните производи, меѓу кои и поголема одговорност за производителите на бетон кои согласно овој закон е потребно сами да вршат контрола на квалитетот и одржување на постојаност на својствата на бетонот. Производителите на бетон, доколку сакаат да го пласираат својот производ на пазарот и да учествуваат во постапките за јавни набавки ќе треба да изготват Изјава за својства (Declaration of performance).

Со Изјавата за својства во целост производителот ја презема одговорноста за сообразност на производот во согласност со националните (европски) стандарди. За да може да ја изготви Изјавата за својства, производителот треба да поседува Сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи кое покрај сертификацијата и редовно ќе врши надворешна контрола.

Производството на бетон во последните години континуирано расте. За шест години производството на бетон пораснал двојно, односно според последните обработени статистички податоци на Државниот завод за статистика, ако во 2010 година се произвеле 176 илјади тони бетон, во 2016 година градежниците произвеле 340 илјади тони од овој материјал. Со Изјавата за својства, производителите ќе одговараат дека нивниот производ е сообразен со потребните стандарди, – велат од Групацијата на агрегати, бетони и асфалти во рамки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.

Стопанската комора на Македонија преку Групацијата презема повеќе активности за едукација на компаниите во насока на нивно подетално запознавање со обврските согласно Законот за градежните производи, со акцент на нивните обврски пред да го пуштат производот на пазарот.

Со цел производителите на бетон да се запознаат подетално со условите и начинот на пуштање на бетонот на пазарот, постапката за оцена и потврда на постојаност на својствата и процесот на сертифицирање на бетонот, во Стопанската комора на Македонија на 25.4.2018 година ќе се одржи едукативен семинар на тема: „ОЦЕНА НА СООБРАЗНОСТ НА БЕТОНОТ СО ПОТРЕБНИТЕ СТАНДАРДИ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНИТЕ ПРОИЗВОДИ“.

На семинарот свое излагање ќе имаат претставници од Групацијата, Институтот за стандардизација на Република Македонија, именуваните тела за сертификација на градежни производи: Градежниот институт „Македонија“ – Скопје,  Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје“ – Скопје  и „ГЕИНГ – Кребс унд Кифер Интернешнл“ – Скопје, како и претставници на инспекциските органи кои вршат надзор на пазарот и градежништвото и урбанизмот. На семинарот се поканети да земат учество и сите производители на бетон.