Финансии 28.03.2024 08:02

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Околу 1.050 евра е просечната месечна нето плата што ја делел лани регулаторот на телекомуникациските оператори во земјата за своите 140 вработени.

Ова го покажува пресметката од финансискиот извештај за 2023, каде што е објавено дека за нето-платите на вработените биле потрошени 107,2 милиони денари, односно за 4,65 отсто повеќе во однос на една година претходно.

Во завршната сметка пишува дека просечната вработеност во последниот месец од годината била 140. Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во извештајот за работа наведува дека зголемениот трошок за платите се должи на зголемениот број на вработени, но не пишува за колку.

Инаку вкупно се потрошени 163.122.060 денари кои биле реализирани за изплата на бруто платите, а во 2022 трошоците за оваа ставка биле 155,8 милиони.

АЕК повремено објавува огласи во кои што се нуди почетна плата и до 90.000 денари, а понекогаш се бараат и работници без почетно искуство. Само пред нешто повеќе од една година бројот на вработени беше 120.

Претходно медиумите лани објавија дека АЕК важи за институција која вработува сопруги на поранешни и актуелни функционери. Таму работеле сопругата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потоа сопругите на поранешните генерални секретари на владата – Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер, итн. Таму работи и снаата на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази, како советник за компјутерски инциденти. Една година претходно таму се вработи и наставничка од музичкото училиште од Битола како соработник за информатички технологии.

АЕК потрошил 580 милиони денари вкупно во 2023, што е за 230 милиони помалку од една година претходно. Приходите, главно од телекомуникациските оператори, изнесувал 635 милиони. Тоа значи дека била остварена добивка од 55 милкиони.

Забележително е тоа што биле потрошени 150.000 евра како дневници за службени патувања, што е за 80 отсто годишно зголемување. 145.000 евра биле потрошени за К-15 и други награди што е годишно зголемување за дури 200 проценти.

28 милиони денари е трошокот за ангажирање на услуги од надворешни лица, што е за 10 отсто повеќе за една година. За компјутерска и мерна опрема се исплатени 103,7 милиони денари, или за 64,25 отсто повеќе. ()