Просечната плата исплатена во јуни е со износ од 36.527 денари, што е еднакво на 593 евра. Ова е нето-износ, додека во бруто сумата е 54.720 денари, или 888 евра.
Индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни, а во однос на јуни 2022, изнесува 114.6. Тоа произлегува од зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите градежништво за 19,6%, информации и комуникации – 17,9% и образование за 17,5%. На ова упатуваат последните податоци објавени од Државниот завод за статистика.
Исто така, споредено со мај, месечниот просек пораснал во секторите трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (6,3%), рударство и вадење на камен (5,7%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,2%).
Колку и да се придвижуваат месечните примања, се уште се далеку од просекот во информации и комуникации од 71.652 денари. Каде што челната позиција веќе долги години наназад ја држат програмерите, или компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просечна плата од 95.257 денари/1.550 евра.
На табелата од горе надолу статистиката ги подредила:
финансиски дејности и дејности на осигурување со 54.466 денари;
рударство и вадење на камен – 50.513;
снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 47.172;
стручни, научни и технички дејности – 42.441;
дејности на здравствена и социјална заштита – 38.674;
јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување – 37.836;
градежништво – 36.568;
трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли – 36.119;
транспорт и складирање – 35.296;
дејности во врска со недвижен имот – 34.747;
уметност, забава и рекреација – 34.100;
образование – 33.439;
преработувачка индустрија – 32.116;
снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината – 28.943;
земјоделство, шумарство и рибарство – 28.721;
објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 28.349;
административни и помошни услужни дејности – 27.525 денари
Во преработувачката индустрија има голем распон меѓу платите. Во дејноста производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати просечнта плата е 57.145, додека најниската е во производство на кожа и слични производи од кожа со 23.787 денари. Всушност, од кожарскиот и нема помал просек забележана од статистиката.