Актуелно 17.10.2018 15:29

Просечниот Македонец должи 1.200 евра – намален бројот на блокирани сметки

Просечниот Македонец должи 1.200 евра – намален бројот на блокирани сметки

Просечниот Македонец има кредит од речиси 1.200 евра. Во исто време со растот на задолжувањето има пад на бројот на блокирани сметки. Ова покажува дека граѓаните стануваат подисциплинирани во намирувањето на обврските.

Пад на бројот на граѓани и фирми со блокирани сметки

Заклучно со јуни годинава во Македонија имало 80.632 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со истиот месец лани нивниот број е намален за 504. Во истиот период имало 29.183 компании со блокирана сметка што е намалување за 4.813. Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и достигнува 233.412 Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ).

Бројот на граѓани со блокирани сметки бил највисок во октомври 2016-та кога надминал 93 илјади, оттогаш има тренд на постепено намалување.

Кај компаниите, најмногу блокирани имало во октомври 2015-та, кога биле над 45 илјади.

Граѓаните и фирмите се позадолжени – раст на кредитите

Македонските граѓани на банките им должат 2 милијарди и 470 милиони евра. За една година вкупните кредити се зголемиле за 173 милиони евра. Со тоа просечниот Македонец има кредит од речиси илјада и двесте евра.

Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ), заклучно со август, најголем дел од кредитите се денарски (1 милијарда и 364 милиони евра), додека помал дел се со девизна клаузула или во странска валута (1 милијарда и 105 милион евра).

„Продолжи и трендот на зголемување на кредитната поддршка на населението. Депозитните и кредитните текови во текот на третиот квартал се повисоки од очекуваните за овој период, при што и нивото на депозитите и на кредитите во септември го надминува проектираното“ се наведува во заклучокот на Комитетот за монетарна политика на НБРМ.

УЈП побарува речиси 160 милиони евра

Меѓу поголемите доверители е и државата. Граѓаните и компаниите, но и јавните претпријатија на Управата за јавни приходи (УЈП) и должат речиси 160 милиони евра по основ на неплатен ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси и царини.

На последната листа должници се објавени долговите кои биле доспеани до крајот на јуни, а не се платени до крајот на септември годинава.

Од Управата информираат дека сумата за последниот месец е помала за 8.5 милиони евра. Бројот на фирми должници е намален за над 2.000, додека на последната листа се објавени дваесетина должници помалку меѓу физичките лица, за разлика од претходната.

Број еден на листата и натаму е Отекс Охрид со долг од над 14.3 милиони евра. На второто место е Ел Дон Кастилло Скопје со речиси 7.3 милиони. Трета е Индустрија Ел Азтека исто така со речиси 7.3 милиони.

На списокот должници повторно има и дузина јавни претпријатија, а најголем должник е Македонија пат од која државата побарува речиси 6 милиони евра.