Економија 08.07.2024 11:49

Пругата Белград-Ниш еден од најважните проекти, со ЕУ се водат разговори за изградба на пруга до Прешево и Македонија

Пругата Белград-Ниш еден од најважните проекти, со ЕУ се водат разговори за изградба на пруга до Прешево и Македонија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на почетокот на изградбата на железничката обиколница околу Ниш изјави дека за него и за Владата на Србија пругата Белград-Ниш е еден од најважните проекти, и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата од Ниш до Прешево и границата со Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ кој присуствуваше на почетокот на изградбата на железничката обиколница околу Ниш, која е дел од проектот за модернизација и реконструкција на пругата Ниш – Димитровград, на трасата на железничкиот Коридор 10, кажа дека ЕУ донираше 80 милиони евра за изградба на пругата Ниш-Димитровград и 35 милиони евра за обиколницата околу Ниш во должина од 22,5 километри.

– Од Белград до Ниш со воз ќе се патува еден час и 40 минути, а од Будимпешта до Ниш само четири и пол часа, рече Вучиќ во Ниш.

Тој посочи дека кога Србија ќе има брза пруга од Белград до Ниш, ќе биде многу побрзо да се патува до Грција и Турција и нагласи дека ќе се разговара со ЕУ за довршување на делот од пругата и од Ниш до Прешево.

– Тогаш ни останува само со С. Македонија да разговараме. После тоа, со неверојатни брзини ќе стигнеме до Солун и Атина, изјави Вучиќ.

Тој рече дека за него и за Владата на Србија, пругата Белград-Ниш е еден од најважните проекти.

– Со Европејците разговаравме за тоа со години. А потоа кога ни кажаа дека ќе ни дадат подарок од 600 милиони евра, тогаш реков одлично, ајде да работиме. Тоа ќе биде нова Србија, поинаква Србија, тоа е она за што сонуваме, изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија кажа дека железничката обиколница ќе биде за брзини на возови до 160 километри на час и дека е дел од пругата Ниш-Димитровград и потсети дека во изградба е и делницата до Брестовац во должина од 23 километри.

– Останува да завршиме кон Лесковац и Врање, се оди кон тоа да ја изградиме комплетно пругата Ниш-Белград. Сега ја завршуваме Нови Сад-Суботица, целата оваа делница од 108 километри и кога ќе ја завршиме, а мислиме дека ќе завршиме за максимум три и пол до четири години, тогаш ќе имаме нешто што е неверојатно, нешто што не ни сонувавме дека е можно, рече тој.