Мозаик 01.08.2018 13:05

Пругата кон Бугарија заглави на суд

Пругата кон Бугарија заглави на суд

За година и половина се пролонгира рокот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, која, како што информира денеска директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, се очекува да биде готова до крајот на следната година.

Таа е прва од трите делници за железничкото поврзување со Бугарија и досега од вкупно проектираните 31 километар, целосно се завршени осум километри.

Завршувањето на изградбата на пругата, што почна во март 2014 година, веќе беше пролонгирана за 18 месеци. Причина за тоа, како што појасни Асани, се проблемите со експропријација на земјиштето, археолошки наоѓалишта, добивањето градежна дозвола… Можно е, како што вели, пролонгирањето да се одрази врз цената на проектот, но засега не се знае дали ќе има намалување или зголемување на цената на проектот, што сега чини 45 милиони евра.

– Без завршување на експропријацијата не може да се почнат работите и со изведувачот ќе мораме да бараме нов термин, а гледаме можност 31 декември 2019 да биде датум за пуштање на пругата – рече Асани на прес-конференција.

Само тројца од сопствениците на земјиштето каде се гради пругата ја прифатиле проценката со експропријацијата која за метар квадратен изнесувала 60 денари, а сите други почнале судски постапки, што го забавиле процесот.

Но, како што рече Асани, ЈП МЖ Инфраструктура нема пари за покривање на трошоците за експроријацијата, што ќе се обезбедат доколку има ребаланс на Буџетот, а во спротивно со Буџетот за следната година. Веќе се отстрануваат и проблемите со археолошките наоѓалишта на потегот на пругата и е почната нивна конзервација, поради што градежните работи биле прекинувани на четири места од пругата. Работата била забавена и од огромната количина муниција од Првата и Втората светска војна.

Според Асани за втората делница кон Бугарија, на потегот Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри, градежните работи треба да почнат следното лето. По поништувањето на првиот тендер за пројавување интерес од компаниите за учество во претквалификациска фаза во петок минатата недела е објавен нов. Тој дел од пругата кон Бугарија се финансира со заем од ЕИБ од 145 милиони евра со кои покрај градежните работи ќе се покријат и сигнализацијата и надзорот, но за нив ќе има посебен тендер.

– На таа пруга ќе има две поголеми станици и три стојалишта, а проектираната брзина е 100 километри на час. Има мостови, а ќе се градат и уште нови. Оние што се делумно изградени ќе бидат реконструирани и рехабилитирани, ќе имаме и 15 тунели, од кои најдолгиот е 600 метри – рече Асани.

Тој очекува наскоро да се обезбедат пари и за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која е во должина од 24 километри и ќе чини меѓу 350 и 400 милиониони евра. Обезбедени се 70 милиони евра, а за останатите се преговара со меѓународни финансиски институциии.

Одговарајќи на новинарско прашање Асани повтори дека и натаму останува на ставот дека железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија ќе се случи до крај на 2021 година со пробивање на тунелот од 1.600 метри на границата меѓу двете држави, и оти пругата ќе биде целосно функционална во 2023 година.

ЈП МЖ Инфратсруктура треба да обезбеди пари и за 63 километри пругата од Кичево до Лин, која според подготвениот проект ќе чини меѓу 450 и 500 милиони евра.

Асани најави и дека во ЈП МЖ Инфараструктура ќе има 100 нови вработувања, градежни и електроинженери, правници, економисти, експерти за животна средина. Новиот кадар следи по одливот на околу 600 лица во изминатите години претежно поради пензионирање.