Актуелно 25.01.2024 08:33

Работат, а џебовите празни – работници примаат плата под прагот на минималецот

Работат, а џебовите празни – работници примаат плата под прагот на минималецот

Со 19.957 денари (324 евра), вработените во заштитни и истражни дејности се на самото дно од статистичката листа на просечно исплатени плати во ноември. Не само во секторот административни и помошни услужни дејности каде што припаѓаат, а кој е со просек 30.399 денари (493 евра), туку воопшто. И се единствените кои се под прагот на утврдениот минималец од 20.175 денари.

За нијанса се подобри ангажираните во услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата, со исплатена просечна плата од 23.602 денари (383 евра).

Гледано оддолу – нагоре, следува просечната плата во рибарство и аквакултура од 24.907 денари (404 евра). Дејност лоцирана во земјоделство, шумарство и рибарство, сектор кој во споредба со останатите има е втор по најнискиот просек од 29.505 денари (479 евра).

Не е многу подобра состојбата во преработувачката индустрија, чиј општ просек на плата за ноември е 33.470 денари (543 евра). Тука најниски се платите на кожарите – 24.789 денари (402 евра) и на текстилците – 25.438 денари (413 евра). Но, не се далеку од нив вработените што се занимаваат со производство на кокс и рафинирани нафтени производи – 25.803 денари (419 евра), како и со преработка на дрво и производи од дрво и плута, освен мебел, производство на предмети од слама и плетарски материјал – 27.110 денари (440 евра).

Од аспект на просечната плата по сектори, најлошо котира објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 27.708 денари (450 евра). Во тие рамки, најнискиот просек од 26.159 денари (424 евра) во ноемвр бил исплатен во дејности за подготовка на оброци и служење на храна.

На оваа листа се и ветеринарните дејности со 27.270 денари (442 евра), иако спаѓаат во секторот стручни, научни и технички дејности, чијшто просек е 45.243 денари (734 евра).

Статистиката покажа дека просечната плата во ноември се намалила за речиси 500 денари во однос на октомври. Дотогаш беше во постојан раст. Без оглед на прикажаниот пад, економистите сметаат дека сликата не е реална. Затоа што просекот го креваат оние помалубројните со екстремно високи плати за македонски услови.

Сепак, укажуваат, иако е многу важно во која фирма се луѓето вработени, какво е технолошкото ниво и кој е газда, тоа не е единствениот пресуден фактор. Кај нископлатените работници основниот проблем е образованието. Личната инвестиција во таа насока и совладувањето нови вештини е клучна за тоа како понатаму ќе се наплати трудот.