Економија 12.12.2023 10:24

Раст на Волстрит пред извештајот за инфлацијата во САД

Раст на Волстрит пред извештајот за инфлацијата во САД

Берзанските индекси на њујоршки Волстрит благо пораснаа во понеделникот, додека инвеститорите го очекуваат извештајот за инфлацијата во САД и пораките од челникот на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) кои би можеле да сигнализираат како каматните стапки ќе се движат во идниот период.

Индексот Dow Jones зајакна 0,43 отсто, на 36.404 поени, додека S&P 500 порасна за 0,39 отсто, на 4.622 поени, а индексот Nasdaq 0,20 отсто, на 14.432 поени. Индексот S&P 500 вчера достигна ново највисоко ниво во годината додека инвеститорите чекаат вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Оваа седмица ќе се одржи последниот состанок на гувернерите на Fed за 2023 година, а со оглед на постепеното смирување на инфлаторните притисоци, речиси никој на пазарите не очекува зголемување на каматните стапки. Напротив, на пазарот со седмици се шпекулира кога Fed би можел да почне да ги намалува каматните стапки.

Пооптимистичките аналитичари оценуваат дека олабавувањето на монетарната политика би можело да започне веќе во март, додека пореалните го очекуваат тоа кон средината на следната година. Сепак, тоа ќе зависи од трендовите на инфлацијата и во економијата во наредните месеци.

Во вторник ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, а ден подоцна и извештајот за производствените цени. Овие извештаи ќе покажат дали продолжува трендот на слабеење на инфлацијата.

„Мислам дека нема причина за промена на позициите пред овие извештаи и пораките од Fed, така што инвеститорите се во фаза на исчекување. И трендот на пазарот останува позитивен“, објаснува Кен Полцари, партнер во „Case Capital Advisors“.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс се лизна 0,13 отсто, на 7.544 поени, но франкфуртски DAX зајакна 0,21 отсто, на 16.794 поени, а париски CAC 0,33 отсто, на 7.551 поен. ()