Вкупните депозити во јануари забележале годишен раст од 10, а кредитната поддршка 5,7 проценти. И во двата случаи поизразена е улогата на домаќинствата, иако нагорни движења се прикажани и кај корпоративниот секор, покажуваат последните податоци на Народната банка за монетарните движења во првиот месец од годинава.
Во јануари, вкупните депозити се во износ од 534,203 милиони денари или 8,66 милијарди евра. Од нив, на компаниите им припаѓаат 158,511 милион денари (2,57 милијарди евра), а на граѓаните 348,374 милони денари (5,65 милијарди евра). Месечни промени нема, наведуваат од Народната банка.
За 0,2 отсто се пониски вкупните кредити споредено со декември. Изнесуваат 443,871 милион денари, односно 7,2 милијарда евра. Сочинети се од 211,354 милони денари (3,42 милијарди евра) кои ги користи корпоративниот сектор и од 229,979 милиони денари (3,73 милијарди евра) одобрени на домаќинствата.
Депозитите на корпоративниот сектор во јануари се намалени за 1,8 отсто на месечно, додека на годишно ниво се повисоки за 15,9 насто. На тоа влијаел растот на депозитните пари и на краткорочните девизни депозити.
Месечен пад има и кај кредитната поддршка на компаниите ‒ за 0,7 отсто. Сепак, на годишна основа има зголемување на исплатените кредити за 4,3 насто, што произлегува од растот на кредитирањето во денари.
Граѓаните во јануари повлекувале пари од своите заштеди, при што е евидентирано минимално месечно намалување на вкупните депозити од 0,1 процент. Годишниот раст, пак, изнесува 7,8 насто, а се темели на повисоките долгорочни депозити – и девизни и денарски, како и депозитните пари.
Затоа кај кредитите на населението има месечен раст од 0,3 насто, а годишното зголемување е за 6,9 проценти. Базирано е на поголемото задолжување, каде што преовладува кредитирањето во странска валута.
Граѓаните најмногу ги користат потрошувачките кредити, чиј износ во јануари е 118,512 милиони денари (1,92 милијарди евра). Кај нив, според податоците на НБРСМ, забележан е месечен пад од 1,1 отсто. Годишниот раст е за 5,9 насто.
Станбените кредити се зголемени за 0,3 и 10,5 насто на месечна и на годишна основа и изнесуваат 1,36 милијарди евра.
Во текот на првиот месец од годинава раст од 0,3 проценти има кај кредитите подигнати за купување автомобил, а на годишна основа за 12,6 насто.
Кредитите одобрени на кредитни картички се пониски и на месечно и на годишно ниво – за 1,3 и 5,1 отсто. Граѓаните повеќе се задолжувале преку тековните сметки, па негативните салда во јануари имаат раст од 11,6 насто и износ од 108,6 милиони евра. Годишното зголемување во овој сегмент е 3,3 проценти. Кај кредитите одобрени врз други основи е забележано месечно и годишно намалување од 3,1 и 20,9 отсто. ()