Актуелно 29.03.2024 08:20

Растат цените пред Велигден – оваа година ќе вапцуваме рекордно најскапи јајца?

Растат цените пред Велигден – оваа година ќе вапцуваме рекордно најскапи јајца?

Во пресрет на Велигденските празници, светот се соочува со историски високи цени на јајца, причинети од последиците на птичјиот грип кој значително ја намали популацијата на кокошки несилки. Во Бугарија, на пример, големопродажната цена на едно јајце достигнува 36 центи, што е значително зголемување во споредба со претходните години.

Епидемијата со птичјиот грип, која првично беше откриен во Европа, Африка и во Азија во 2020 година, се прошири во Северна Америка во 2021 година и продолжи да се шират и минатата година.
Светската здравствена организација (СЗО) извести дека само во 2022 година, повеќе од 131 милион живина ширум светот умрела или била еутанизирана на погодените фарми.

Во САД, просечната цена на десетина јајца во февруари беше 2,99 долари, што е помалку од просечната цена од 4,21 долари во истото време минатата година, но сепак значително повеќе од 1,59 долари за десетина јајца што ги плаќаа потрошувачите во февруари 2021 година.

Во Јужна Африка, цените на јајцата пораснаа откако 40% од кокошките несилки беа убиени кон крајот на минатата година поради птичјиот грип, при што шест јајца чинеа 1,34 долари минатиот месец, што е за 21% повеќе од февруари 2023 година.

Оваа ситуација предизвикува загриженост кај потрошувачите и поставува сериозни прашања за одржливоста на снабдувањето со храна во иднина. Со оглед на тоа дека јајцата се сметаат за основна намирница во многу култури, зголемувањето на цените има директно влијание врз трошоците за живот на луѓето ширум светот, но и во Македонија.

Просечната цена на јајцата на 15 март кај нас изнесувала околу 8,5 денари, но економските експерти предупредуваат дека постои голема веројатност цената на јајцата да порасне за време на Велигденските празници.

„Со оглед на значителниот пораст на цените на јајцата во регионот и зголемената побарувачка за извоз, постои можност цените да се зголемат и во Македонија. Ако една табла јајца лани чинела 250 денари, може да се очекува дека оваа година цената ќе биде повисока за најмалку 50 денари, во зависност од пазарните движења и расположивоста на јајца на домашниот пазар. Таквата промена во цената би била резултат на глобалните трендови и локалните економски услови“, коментираат економистите. ()