Нови 862 случаи на заразени со Ковид-19 беа регистрирани вчера кога и официјално стапија во сила новите мерки кои вклучуваат носење маска и на отворено, забрана за групирање на отворен простор, како и задолжителна самоизолација во период на тестирање.
Починати се 14 лица, пет пациенти од Скопје (35, 82, 62, 90 и 77г), еден од Прилеп (54г), еден од Тетово (88г), еден од Струга (66г), еден пациент од Велес (78г), еден од Битола (76г), двајца пациенти од Струмица (63 и 68г), еден од Радовиш (66г) и еден пациент од Ресен (83г).
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 29 558, бројката на оздравени пациенти е 19 994, на починати е 977, а бројот на активни случаи изнесува 8587, од кои речиси половината се Скопје .
Расте бројот на заразени, како и на починатите, а се исполнуваат и болничките капацитети. Во болниците вкупно се хоспитализирани 669 лица, на кислородна по поддршка се 110, а двајца се на респиратор.
Надлежните апелираат да се почитуваат мерките, а предупредуваат и на санкциите за нивното неспроведување. Казната за неносење маска е 20 евра, а за групирање по 22 часот е 500 евра.
Министерот Венко Филипче вчера увери дека болнички капацитети има сосем доволно и оти целиот Клинички центар е во ситуација на мобилизација. Филипче одржал состанок со директорите на сите интерни клиники, а на списокот на лекари и медицински сестри се сите вработени лекари и медицински сестри од клиниките и по потреба ќе работат во дополнителните капацитети.
Бидејќи модуларната болница е речиси исполнета, обезбедени се дополнителни болнички легла на Институтот за белодробни заболувања, во рамките на повеќе интерни клиники, како и на клиниките за дерматологија и за неврологија, каде има пристап до централен довод на кислород. Во рамките на другите болници, секаде се ослободени интерните одделенија и целосно е ставен кадарот во мобилизација.
Досега во земјата се направени вкупно 243.357 тестирања на Ковид -19.
Од наредниот понеделник Здравствениот дом Скопје ќе почне со изработка на брзите тестови. Тие ќе даваат 99,6 отсто точност на резултатот, и ќе чинат 1000 денари.