Живот 12.12.2023 13:53

Разгледница од Австралија пристигнала во Британија 42 години откако била испратена

Разгледница од Австралија пристигнала во Британија 42 години откако била испратена

Разгледница од Австралија пристигнала на домашна адреса во Кент, Велика Британија, 42 години откако била испратена, пишува „Би-би-си“. Картичката била испратена од Сиднеј во куќа во Вестгејт, во близина на Маргејт, на 27 август 1981 година.

Саманта Вилијамс, која сега живее на таа адреса, вели дека разгледницата е „мистерија“. „Би сакале да го најдеме човекот на кој му е адресирана картичката и да му ја дадеме“, рече таа. „Очигледно, тие биле добри пријатели и тоа може многу да му значи“.

Разгледницата била адресирана до Стив Паџет и вклучувала рачно напишана порака од „Гери“.


Фото: Jam Press / Jam Press / Profimedia
Вилијамс вели дека едно од нејзините деца првично мислело дека тоа е божиќна честитка.

„Разгледницата била испратена од човек со име Гери од Сиднеј и е адресирана до Стив Паџет или Пеџ, кој веруваме дека живеел овде со своите родители во осумдесеттите“, рече таа. „На неа има само печат од 32 центи, па можеби била заглавен во канцеларија за сортирање во Австралија или во Велика Британија повеќе од 40 години“.

Разгледницата содржи приказ на операта во Сиднеј.

Портпаролот на Кралската пошта рече: „Тешко е да се шпекулира што се случило со оваа пратка, но веројатно е дека некој неодамна ја вратил во поштенскиот систем, наместо да биде изгубена или заглавена некаде. Кралската пошта редовно ги проверува сите свои канцеларии за испорака и секојдневно ги чисти машините за обработка. Штом пратката ќе биде во поштенскиот систем, тогаш ќе биде доставена на адресата на картичката“.

()