И во 2023 година работниците не можат многу да се пофалат дека им се подобрени работнички права. Недостатокот на работен кадар не само во земјва туку и на глобално ниво не е пречка за дел од несовесните работодавачи по разни однови да ги кршат правата на своите вработени. Според информациите од ССМ во текот на 2023 година во Сојузот на Синдикатите на Македонија се евидентирани 10 534 обраќања по разни основи за заштита на правата од работен однос.
Информациите кои Денар ги доби од Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека расте бројот на работници кои се охрабруваат и го пријавуваат својот работодавач кој не ги почитува правата на работниците. И тоа дури 61 отсто пријавите кои пристигнале во ССМ се од работници кои не се членови на најголемата синдикална организација. Оснататите 31 отсто од поплаките пристигнале од вработние во компании членки на синдикатот.
Податоците велат дека од вкупниот број на обраќања 64% се жалби и приговори, 7% барања и 29% прекршоци.
Најголемиот број на обраќања се по основ на: неисплатена плата, надоместоци, додатоци и придонеси од плата. Вкупно 3 822 се за неисплатен регрес за годишен одмор. Вкупно 2655 работници (од кои две компании се од јавен сектор, а 41 компанија од приватен сектор). За прекувремена работа вкупно 1188 работници се пожалиле дека не добиле дополнителни средства на плата. Овие податоци се однесуваат за цела 2023 година, меѓутоа во делот на неисплатен регрес имало и работодавачи кои исплатиле понизок износ од законски минималниот. Во најголемиот дел од пријавите станува збор за несиндикално организирани работници.
Синдикалците апелираат да се пријави секој газда кој нема да ги почитува правата на работниците, а особено оној кој не исплаќа навремено плата и регрес за годишен одмор. Пријавата може да биде анонимна, а неа да ја потпише претседателот на ССМ.
„Сојузот на синдикатите на Македонија за сите вработени во приватниот и во јавниот сектор преку Општиот колективен договор за приватниот сектор и преку Општиот колективен договор за јавниот сектор обезбеди право на регрес за годишен одмор. ССМ во член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството обезбедил регресот за годишен одмор да се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. ССМ во член 21 од ОКД за јавниот сектор обезбедил, вработените во јавниот сектор да имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10 000 денари, во нето износ. Со право на регрес за годишен одмор (К-15) за прв пат се стекнаа вработените во здравството, образованието, полицијата, армијата и сл., со што ССМ исправи една голема неправда спрема нив. Износот на регрес за годишен одмор (К-15) во општите колективни договори склучени од ССМ е основата на која синдикатите преку гранските колективни договири или колективните договори на ниво на работодавач можат да утврдат и повисок износ за регрес за годишен одмор (К-15) на што ги охрабруваме„, велат од ССМ.
Сојузот на синдикатите на Македонија на своите членови им овозможува бесплатна правна помош. Правна помош добиваат само членовите на синдикатите здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија, и тоа за остварување на правата од работен однос. За добивање правна помош членовите можат да се обратат во Советот на ССМ – Одделение за работни односи, правна заштита и колективно договарање, или во месното или најблиското до место на живеење, регионално претставништво или канцеларија. Покрај правниците во Одделението во неколку градови во ССМ се вработени посебни правни застапници на ССМ, меѓутоа добар дел од секретарите и координаторите на регионалните единици на ССМ се правници по струка и тие исто така во некои случаи овозможуваат правна заштита. Во секој случај членовите можат да се обратат на било кое место во целата мрежа на ССМ, каде ќе добијат информации за натамошните постапки. ()