Актуелно 26.09.2023 08:59

Регионалниот пазар може дополнително да ја испразни Македонија од работници

Регионалниот пазар може дополнително да ја испразни Македонија од работници

На македонскиот пазар на труд постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациските дејности. Се достигнува максимум во образовните занимања, каде што за едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и во основните работници. Ова се дел од резултатите од анализата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“, која ја публикуваше „Фајнанс тинк“.

Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и во платите, од перспектива на Македонија. Главниот наод од студијата, како што се наведува, е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд на Западен Балкан носи предности, но и закани. Во анализата се посочува дека речиси 60 отсто од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование. Оттука, како што се наведува, подлабоката регионална интеграција на пазарот на труд може да поттикне мобилност, која ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и за заработка.

Резултатите понатаму се фокусираат на разликите во платите меѓу Македонија и Србија, со оглед дека повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Пресметките покажаа дека во соседна Србија, премијата за плата во однос на Македонија е многу мала, речиси незначителна и оттука нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници. Сепак, за секторите што се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед дека занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на труд, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници.

Слободното движење на работниците е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција, која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување.

Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно, поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство, се вели во анализата.