Наместо дефектниот трет, вклучен е вториот блок на РЕК Битола. Електраната од вчера повторно произведува струја, откако пукната цевка во неделата го исфрли од мрежа најголемиот енергетски капацитет во земјава.
Од ЕСМ велат дека за работа е подготвен и Блок 1, а ќе биде ставен во погон ако има потреба, но и ако анализите на пазарот на електрична енергија покажат дека тоа е рентабилно. Наспроти ова, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го прозва раководството на РЕК Битола, изразувајќи сомнеж дека на повидок е, како што велат, нов криминален тендер за санација на штетите во комбинатот. Од оваа партија тврдат дека во последните 20 дена имало повеќе од 5 вклучувања, а едно чинело околу 500.000 евра, пари кои за набавената скапа интервентна струја ги плаќале граѓаните.
– Наместо производство на струја од РЕК Битола, државата е доведена да увезува скапа струја, се со цел да не дојде до поголема хаварија на постројките без внатрешно напојување. Додека се случуваа оваа хаварија во РЕК, директорот си ја работи својата вистинска професија свирејќи на хармоника и лумпувајќи по кафани. Ова е вистинската слика во енергетскиот систем кога музикант ќе го поставите за директор на најголемиот енергетски субјект во државата олапс. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ОД ЕСМ и денеска тврдат дека струја се купува само ако таа е поевтина од онаа произведена во домашните капацитети.
– АД ЕСМ овој период ги задоволува потребите од електрична енергија на потрошувачите од свои производствени капацитети и преку набавка на електрична енергија, по поволни цени кои му овозможуваат на компанијата намалување на трошоците на работа. За потсетување, од 9 ноември до 16 декември 2023 година и од 1 февруари до 24 февруари годинава, РЕК Битола работеше со сиот свој капацитет, со сите три блока на мрежа. – велат од ЕСМ.
Иако со централи стари и по 40 години, земјава успеа да се справи со енергетската криза и во најоголем дел сама да ја произведе струјата за домаќинствата и малите фирми. Сепак, ЕСМ го следеа милионски тендери за ископ на јаглен и набавка на хемиски средства, со учество на само една фирма, за кои дел од експертската јавност тврдеше дека во најмала рака се сомнителни. ()