Актуелно 10.01.2020 12:18

„Рекет 3“: Нов скандал во низата, тежок криминал ја тресе и така раздрманата Владата

„Рекет 3“: Нов скандал во низата, тежок криминал ја тресе и така раздрманата Владата

Откако „Рекет“ на Бојан Јовановски и Катица Јанева ја крена на нозе македонската јавност, скандалите не престануваат.

Потоа се појавија и „Рекет 2“ и „Рекет 3“, кои откриваат криминал во кој се вмешани високи функционери на власта.

Најновите информации кои излегоа во јавноста се за „Рекет 3“, случај тежок неколку милиони евра.

„ВЕЧЕР“ го откри големиот скандал, објавен под наслов „Рекет не е затворен, нов криминал со Клинички центар Штип“.

На 3-ти март 2016-та година, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ постави камен темелник за изградба на нов клинички центар во Штип кој требаше да биде завршен до крајот на 2019-та година. На површина од 34.000 квадратни метри требаше да работи овој клинички центар и да задоволи потреби на над 200.000 луѓе од тој регион на Македонија. Таа инвестиција, заедно со автопатот Скопје-Штип, со над 100 милиони вкупна заедничка вредност е најголем инвестициски проект во Источна Македонија од Втората светска војна до денес. Самиот клинички центар е проектиран на вкупна вредност на градбата од 30 милиони евра, со финансиска поддршка од европски кредити, а работата за изградба, по избор на европската комисија за овој проект, е доверена на грчката компанија Интракат. Дополнително, за опремување на клиничкиот центар според проектот биле предвидени 16 милиони евра. Под овие услови изведувачот на работите Интракат прифатил да го  изгради новиот Клинички центар според тие услови, и во договорено време. Но, еве на почетокот на 2020 година Клиничкиот центар Штип – го нема, анализира „Вечер“.

На почетокот на февруари 2019-та година, министерот за здравство Венко Филипче изјави:

„Добивме информација од грчката градежна фирма Интракат, со која ова министерство има потпишано договор, дека го раскинале договорот со досегашниот подизведувач (Бетон Штип) и бараат продолжување на рокот за градба. Рокот го продолживме и сега крајниот рок треба да биде почетокот на 2020-та година“. 

-Зошто Интракат го раскинал договорот со Бетон Штип? Зошто Министерството за здравство, без да бара финансиска надомест за доцнењето од Интракат дозволило продолжување на рокот за дури една година? Зошто Венко Филипче не постапил како што законот го обврзува – ако изведувачот Интракат не ја исполнил обврската да му се активира банкарската гаранција? Како што е наведено, подизведувач на градежните работи била фирмата Бетон Штип. Против сопствениците на Бетон Штип, на 9-ти ноември 2018-та година, СЈО отвори истрага под име „Империја“ по што веднаш беше уапсен Орце Камчев со други лица од таа истрага. Непосредно пред да се отвори истрагата за „Империја“, во мај 2018-та година, констатирано е дека грчката фирма Интракат должи на подизведувачот Бетон Штип околу 2 милиони евра. Тие пари Интракат ги примил од државата за градба на Клинички центар  но, одбива дел од нив да плати на Бетон Штип што им е обврска кон подизведувачот кој, заради големиот долг, не е во можност да ги плаќа понатаму своите работници, материјали за работа, како ни фирмите кои работат за нив на тој објект. Ова е причина за подоцнежното раскинување на соработката помеѓу Интракат и Бетон Штип. Веднаш по притварањето на Орце Камчев директорот на Интракат, Димитриос Кутрас, врши притисок Бетон Штип да биде продаден на Интракат за износ од 1,2 милиони евра. Значи, да ја купат фирмата на која и должат 2 милиони за само 1,2 милиони евра што е одбиено, анализира ВЕЧЕР.

Според информации од фирмите кои работеле за Бетон Штип, Вечер дознава дека нивниот ангажман одел преку Трајче Заев.

-Интракат е поврзан со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и неговиот министер за граджеништво Љупчо Балковски кој е директор на проектната единица. По запирање на работите од страна на Бетон Штип на објектот менаџментот на проектот и на Интракат се договараат со партнерите на Бетон Штип самостојно да продолжат со работење на објектот, без оглед што имаат обврзувачки договори со Бетон Штип. Интракат, откако е одбиен со понудата да го купи Бетон Штип за цена двојно помала од износот кој тој им го должи, на 2 јули 2019 година паѓа под стечај. Долгот на Бетон Штип во стечај е 1,25 милиони евра што значи само околу половина од она што Интракат им го должи и дека Интракат, со поддршка од власта, свесно ја уништил Бетон Штип откако не успеал да ја купи по дампинг цена. Зошто се спомнува поддршка од власта за Интракат во овој бизнис однос? Кога го добил тендерот за градба Интракат поднел банкарска гаранција до Министерството за здравство но, банкарскатата гараница е од Бетон Штип! Имено, тие до Интракат поднеле банкарска гаранција во износ од 3,5 милиони евра за да станат подизведувачи во градбата на Клинички центар Штип која, потоа, Интракат ја поднесува до Министерството за здравство како своја гаранција. Ова значи дека по раскинување на договорот помеѓу Интракат и Бетон Штип банкарската гаранција пред Министерството за здравство не важи, и Интракат мора да ја повлече и врати на Бетон Штип а да даде своја. Во ваков случај или се распишува нов тендер или, ако не поднесе своја гаранција, министерот Венко Филипче е должен тендерскиот договор да го раскине и да бара финансиски надомест од Интракат, но ова не го сторил, пишуваше порталот.

Наместо ова, Венко Филипче во 2018-та го продлжува рокот за градба на Интракат до почетокот на 2020-та, а сега се најавува ново продолжување до почетокот на 2021 година.

-Патем, Министерството за здравство и Венко Филипче најавуваат одобрување на дополнителна исплата од 7 милиони евра за Интракат над договорената цена затоа што имало поголеми трошоци поради доцнење на градбата! Да ги награди со 7 милиони евра затоа што две години доцнат со извршување на работи кои ги прифатиле со договор. Дали се сеќавате дека пред судот, кога сведочеше Орце Камчев во случајот Рекет, Боки 13 го праша за негова средба со министерот за здравство Венко Филипче, и се потврди дека кај Боки 13 дома имало таква средба во време кога СЈО има истрага за Империја. Ова се случува пред Бетон Штип да замине во стечај поради долгот од Интракат кон нив, и кога е активно барањето на Интракат под реална цена да го преземе Бетон Штип. Според последниот сертификат изготвен од брокерска куќа, објавен на веб страницата на Бетон Штип, во сопственичката структура се компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8.150 акции и со право на глас од 19, 50%, Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99%, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15. 81%, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14, 35%. Истрагата за Рекет, како и анализите околу неа, спомнуваат дека се рекетирани лица директно поврзани со Бетон Штип: Орце Камчев од Орка Холдинг, Зоранчо Митровски (Езимит Штип) кој бил претседател на одборот на директори и Цветан Панделевски (Пелистерка) член на одборот. Димитрис Кутрас, главен директор на грчката компанија Интракат ни е познат и како директор на грчката компанија Актор за која беа покренати истраги поради извлекување кеш и перење пари во изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Истраги за Кутрас и Актор беа отворени и во Србија и Бугарија. Кутрас, според медиумите, имал средба со функционери на македонската влада во неговата канцеларија во ГТЦ, како и со министерот Венко Филипче во Грција. На власта која се гади на самото спомнување на Русија и руски интереси не и пречи што Димитрис Кутрас е пријател и соработник на Сергеј Степашин, претседател на православното братство, анализираше Вечер.

ВМРО-ДПМНЕ: Случајот „Рекет 3“ тежок милиони евра експлодира во рацете на Заев и Филипче на три месеци пред избори

Случајот „Рекет 3“ тежок милиони евра експлодира во рацете на Зоран Заев и Венко Филипче на три месеци пред избори, реагира Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Граѓаните не видоа ништо од новата клиничка болница во Штип, а сега гледаме и слушаме зошто. Постои сериозен сомнеж кој што се отвори во медиумите дека незавршувањето на клиничката болница во Штип е поврзано со нова рекетарска афера. Дали зад доцнењето на градбата, не стои рекетирање на македонски бизнисмени, преземање на домашна компанија со нејзино намерно туркање во стечај заради долг и потоа купување под реалната цена? Сето тоа е зачинето и со определувањето дополнителни буџетски средства, без казна за изведувачот иако длабоко доцни со реализацијата, што отвора можност и сомнеж за нови лукративни позадини. Деновиве министерот за здравство Венко Филипче побара од владата нови 7 милиони евра за изградба на клиничката болница во Штип, градба за која веќе втор пат и се продолжува рокот, без никакви последици кон изведувачот, истакнува тој.

Стоилковски вели дека изведувачот, грчката компанија „Интракат“, сега бара дополнителни пари од Филипче за болницата.

-Филипче на истата компанија претходно и го продолжи рокот за една година за градба, без притоа да ги активира парите оставени како банкарска гаранција. Гаранцијата, всушност и не е на „Интракат“, туку гаранција од домашниот подизведувач „Бетон“ Штип. Филипче го продолжи рокот за градба на грчката „Интракат“, откако изведувачот го раскинал договорот со домашниот „Бетон“ Штип. Како што пишуваат медиумите, кој што остава 3,5 милиони евра гаранција за да добијат работата како подизведувачи, а „Интракат“ тие пари до министерството за здравство ги прикажува, ги поднесува како сопствена гаранција.  Согласно ова, при прекинувањето на договорот меѓу „Интракат“ и „Бетон“ Штип, банкарската гаранција не важи – парите требало да бидат вратени на „Бетон“ Штип, а изведувачот да даде своја гаранција. Потоа требало да се распише нов тендер за подизведувач. Во спротивно, Филипче требал да го раскине договорот и да бара финансиски надомест од „Интракат“ за нанесена штета односно за незавршена работа. Наместо ова, Венко Филипче во 2018 година го продолжува рокот за градба со „Интракат“ до почетокот на 2020 година, а сега најавува нов рок до 2021 година. Притоа се најавуваат дополнителна исплата од 7 милиони евра за „Интракат“, со образложение – поголеми трошоци поради цели две години доцнење со реализација на изградбата на болницата, посочува Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ порачува дека јавноста заслужува одговори, а обвинителството мора да преземе сериозни чекори кон расчистување на случајот, особено што медиумите за овој случај споменуваат актуелни министри, лице од семејството на Зоран Заев како посредник во изведувањето, како и други лица поврзани со активни судски предмети.

-„Рекет 3“ е продолжение на „Рекет 2“ и на „Рекет 1“, и е само дел од севкупната криминално рекетарска активност на власта во заминување. Одговори и одговорност мора да има, порача тој.