Караванот си врви, опозицијата критикува, непотизмот и лажните ветувања кон прилепчани се повеќе добиваат потврда со работата на Советот и работата на градоначалникот на општина Прилеп, изјави денес координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Петар Ристески по одржувањето на дваесеттата седница на Советот на Општина Прилеп.
-Ветувања од градоначалникот до граѓаните, брда и долини пред изборите, а сега празни ветувања, се носат одлуки на истите граѓани кои пред изборите беа лажени. Денес беше донесена одлука за формирање на претпријатие за енергетика. Ниту гасоводот е близу до Прилеп, ниту имаме потрошувачи корисници на гас за да се формира претријатие, посочи Ристески.
Тој истакна дека како опозиција не добиле одговор на прашање за тоа која е потребата за формирање на вакво претпријатие сега.
-Одговор немаше ниту од советниците, ниту од именуваниот директор на ова претпријатие. Беше кажано дека се работи за лице Игор Спирковски со адреса и самиот како што наведе бил во роднински врски со градоначалникот на Општина Прилеп. Најверојатно да си во роднинска врска со градоначалникот е единствен критериум за да се вработиш во општината и јавните претпријатија. ВМРО-ДПМНЕ како што претходно истакнуваше, се вработува внука, братучеди, зетови на градоначалникот, сега дојде нов роднина на градоначалникот да биде назначен за директор на Јавно претпријатие за енергетика, нагласи Ристески.