Воспитувањето на децата во Германија е едно од најсилните аргументи зошто младите својата среќа ја бараат токму во таа европска земја.
Зошто Германците се такви какви што се, одговорот треба да се бара и во воспитувањето на децата, кои се одгледуваат за да бидат независни, но и одговорни членови на семејството, а потоа и на германското општество.
Американката Сара Заске од прва рака искусила кои се разликите во воспитувањето на децата, кои Германија денес ја прават тоа што е. Земјата на просперитетни, вредни и одговорни луѓе. Своите впечатоци ги добила на детските игралишта и во градинките, во ништо поразлични од нашите, освен по воспитните методи и во менталитетот на родителите кои ги прават работите многу поинаку од нашите. Еве што таа напишала за Time.
Читање и пишување не се учи дома
Градинките во Берлин не го поддржуваат раното образование на децата во класична смисла. Учењето да се чита не е задача на родителите, тоа е задача која пред децата се поставува дури во “малото училиште”. Градинката е место за игра и социјализација. Во прво одделение од основното училиште, исто така, нема притисок. Децата имаат два големи одмори, а на материјалот му се пристапува лежерно. Тоа не значи дека не се совладува. Според истражувањето на Здружението за економска соработка и развој, 15-годишните Германци се над меѓународниот просек во знаењата по математика, физика и јазиците.
Деца, играјте си со огнот
Кога станува збор за малите Германци, нема место на стравот. Веќе во рана возраст, децата се охрабруваат при јадење да користат ножеви, а свеќите и другите извори на оган се играчки како и секоја друга играчка. “Внимавај, ќе се изгориш,” не постои во речникот на родителите, кои, еднаш кога на детето ќе му покажат (без оглед дали се работи за новогодишен огномет или скара во дворот), што оганот тоа и е, од децата очекуваат пламенот повеќе да не го допираат.
Слободно се движат без родителски надзор
Како и кај нас некогаш порано, децата во Германија слободно и без рацете на родителите се движат по нивното соседство. Одат на училиште во друштво на пријателите, а некои ученици самостојно се движат со трамваите и метрото. Германскиот родител е загрижен за безбедноста на своето дете, но не дали некој ќе го киднапира, туку дали безбедно ќе премине на пешачки премин. Фактите и тука им одат под рака. Имено, киднапирањата се многу ретки, во САД, на пример, се случуваат 115 киднапирања годишно.
Прослава по повод поаѓање на училиште
Ајншулунг, првиот ден на училиште, на Германците им е еден од најважните денови во животот. По завршувањето на првата недела, децата добиваат како подарок голем корнет исполнет со моливи, боички, тетратки, слатки и со сите други потреби на ученикот од прво одделение. Во училиштето се прославува во сабота, а остатокот од викендот на првачето му се честита и слави дома.
Уште еден голем чекор во школувањето е Jugendweihe. Кога учениците ќе наполнат 14 години, тие влегуваат во светот на младите возрасни. По повод Jugendweihe, исто така, се подготвуваат прослави и во училиште и дома.
Надвор, секој ден
Германска поговорка која вели: “Не постои лошо време, само несоодветна облека”, говори речиси сè. Без оглед на временските услови, децата се на игралиштата. Училиштата и градинките го поддржуваат престојот на свеж воздух, па многумина во своите дворови имаат вистински мали градини. По училиште и ручекот, добро облечени, малечките излегуваат на воздух, меѓу своите врсници. Мајките и татковците можат да ги следат, но не и да ги запрат.