Актуелно 13.09.2018 12:37

Рудар во изјава за „Лидер“ потврдува: Се врши жесток притисок да излеземе на референдум, ни рекоа мора

Рудар во изјава за „Лидер“ потврдува: Се врши жесток притисок да излеземе на референдум, ни рекоа мора

Николај Влаканов е името на сопственикот на бугарската компанија „Минстрој“, кој, како што изјави премиерот Зоран Заев, ги повикал работниците да гласаат на референдумот и им ветил дека ќе им даде награда плус, пишува порталот „Лидер“.

Економски Лидер стапи во контакт со рудар вработен во еден од рудниците на „Минстрој“. Тој ја потврди информацијата дека над работниците се вршел жесток притисок да излезат на референдум.

– Има тајност на гласање. Но ни рекоа дека мора да излеземе и дека на крај ќе се знае кој излегол, а кој не, сведочи за Лидер работникот кој плашејќи се за своето работно место, сакал да остане анонимен.

Со Изборниот законик и Законот за референдум најстрого се забранува вршење на притисок за излез на гласање. Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица, стои во Изборниот законик. Никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум, стои во Законот за референдум.

Според ова, Основното јавно обвинителство треба да покрене постапка и да утврди, дали постоеле вакви притисоци врз вработените, пишува „Лидер“.

Инаку бугарската компанија „Минстрој“ ги држи под концесија рудниците „Злетово“ и „Тораница“.

„Минстрој“ има големо искуство во областа на рударството во Бугарија и во светот и има рудници во Африка, во Европа, па дури и во Германија.

Најнови вести