Актуелно 12.06.2018 12:02

САД конкуренција на Русија, наскоро ќе произведува повеќе нафта

САД конкуренција на Русија, наскоро ќе произведува повеќе нафта

Цената на нафтата на светските пазари минатата недела е во благ пад бидејќи производството во САД достигна ново рекордно високо ниво, а побарувачката од Кина е ослабена, но и затоа што аналитичари помалку ги намалуваат проценките на движењето на цената на „црното злато“ оваа година.
На пазарот во Лондон барел нафта минатата недела се намалила за 0,5 проценти на 76,45 долари, додека на американскиот пазар барелот нафта поефтинил за 0,3 проценти на 65,75 американски долари.
Од почетокот на годината цените на нафтата се во добивка од околу 15 отсто, благодарение на намаленото производството на ОПЕК, намалувањето на резервите во светот и нарушеното снабдувањето од со криза погодената Венецуела, што доведе до намалување на нерамнотежата меѓу прекумерната понуда и недоволно силната побарувачката на светските пазари. Благодарение на ова, цените на нафтата во мај достигнаа највисоки нивоа во повеќе од три години.
Но во последните три недели цените се лизнаа од овие нивоа, бидејќи има шпекулации дека ОПЕК, за прв пат по 17 месеци, наскоро би можел да го зголеми производството.
Од јануари 2017 година, ОПЕК и групата независни производители предводена од Русија го намалија производството за 1,8 милиони барели на ден, со цел да се ублажат нерамнотежата помеѓу големата понуда и недоволно силната побарувачка, ги намалија резервитево светот, а со тоа ги поддржаа цените.
Сега, пак, се размислува за зголемување на производството за еден милион барели дневно, за што би требало да се разговара на состанокот на ОПЕК кон крајот на јуни.
Покрај тоа, најновите податоци покажуваат дека Кина, еден од најголемите светски потрошувачи на нафта, неодамна го намали увозот, откако достигна рекордни нивоа во април.
Според последните податоци, Кина извршила увоз на 39,05 милиони тони нафта или 9,2 милиони барели дневно во мај, додека во април увезла 9,6 милиони барели дневно.
Во фокусот е и производството во САД кое веќе долго време непрестанато се зголемува, па минатата недела достигнаа рекордни нивоа од 10,8 милиони барели дневно.
Ова значи дека производството во изминатите две години е зголемено за 28 отсто и дека САД се сосема блиску до позицијата водечки светски производител кој во моментов ја држи Русија со 11 милиони барели дневно.