Актуелно 23.07.2019 21:12

Самохраните мајки заглавени во лавиринтите, не можат да си ги однесат децата на одмор: Законот е јасен, но погрешно се толкува

Самохраните мајки заглавени во лавиринтите, не можат да си ги однесат децата на одмор: Законот е јасен, но погрешно се толкува

Поради различни причини, но најчесто поради инает од татковците или самоволно толкување на законите, самохраните мајки не можат да си ги однесат своите дечиња на летен одмор.

Најголем е проблемот кога детето нема важечки пасош, во сите останати случаи станува збор за злоупотреби или погрешни толкувања, а не за закони.

Имено, неколку самохрани мајки ја контактираа редакцијата на КУРИР, жалејќи се дека татковците не даваат согласност за патување, а на граница им бил побаран таков документ. Зошто ова го нарекуваме злоупотреба? Затоа што на дете со пасош чиј рок на важење не е истечен, а е во придружба на еден од родителите, никој не може да му застане на патот.

Редакцијата на КУРИР побара одговори од МВР, од каде велат дека законите се јасни. Полициските службеници на граница НЕ СМЕАТ да бараат било каква согласност и документ од родителот со кого детето патува. Ниту другиот родител, ниту Центарот за социјални работи не можат избегнувајќи потпис да бидат пречка во ваквите случаи.

-Ако некој побара било каква согласност од мајката, таа веднаш да го пријави случајот во МВР и внатрешната контрола тоа ќе го санкционира. Полициските службеници не смеат да бараат дополнителна документација, ако некој ова не го почитува, ќе одговара, велат од МВР за КУРИР.

Кога е потребна писмена согласност?

Писмена согласност е потребна само ако детето патува во присуство на друго лице, а тоа не е  се родителите или старателот. Таа треба да е заверена од МВР или нотар, односно од Државно конзуларно претставништво на Македонија во странство.

Заверката од МВР чини 50 денари за административна такса.

Ако се одлучите заверката да ја направите на нотар ќе треба да платите околу 400 денари.

МВР јасно во законот, кој ги злоупотребува?

Со оглед на тоа дека за детето да добие патна исправа потребно е присуство на двајцата родители, се смета дека со тоа двајцата дале согласност детето да патува во странство и само со еден од нив.

МВР јасно посочува кога е потребно посебно одобрение за малолетник да патува во странство:

-Ако  лицето до  14 години живот ( малолетно лице ) патува во странство или се враќа од странство во присуство на родител или старател НЕ Е ПОТРЕБНО да има одобрение за неговото патување.
-Ако  лицето  до  14 години живот (малолетно лице) патува во странство или се враќа од странство без присуство на родител или старател, ПОТРЕБНО Е да има одобрение за неговото  патување кое се издава врз основа на писмената согласност  од родителите односно старателот, дадена во надлежните сектори-одделенија за Внатрешни работи,со приложување на увид-извод од матична книга на родените на малолетното лице кое патува, личните карти од родителите или старателот и таксена марка од 50,00 денари.

Кога ги предочивме законите и правилата, сега да видиме како е во пракса, на терен на граничните премини.

Самохрана мајка која ја контактираше редакцијата на КУРИР вели:

„Разведена сум една година и старателството на детето го имам добиено јас. Мојот син има важечки пасош до средината на следната година, односно уште цела година од сега. Неговиот татко работи во странство и усно ми дозволува да одиме ние заедно на одмор. Тргнавме кон Грција каде ми бараа посебна согласност. Немав. Почнаа да се договараат нешто меѓу себе, јас им објаснив дека имам и прашано ми рекоа дека не треба. Тие ми велат од каде да знаеме дека не го изнесуваш детето против волја на другиот родител“?

Како што бевме информирани од нашата соговорничка скопјанка, на неа и на детето им било дозволено да ја напуштат државата по повеќеминутно убедување на граница. Прашува дали законот е таков или службениците сами си го толкуваат како им одговара? КУРИР побара одговори од МВР. Јасно ни беше посочено дека полициските службеници за дете во присуство на родител НЕ СМЕАТ да бараат никакво одобрение, од било кого.

Друга самохрана мајка која стапи во контакт со нашата редакција објаснува:

„Разведена сум две ипол години. Со таткото на моето дете сме во одлични односи и со негово знаење досега многупати сум ја напуштила државата со нашето дете, кога ние двајца сме оделе на одмор. Јас со моето дете сум поминала граница голем број пати, без притоа било кој да ми побара некаков документ. Минатиот месец при обид да отидам на летување, за прв пат се соочив со проблем. Дека сум била разведена, морало документ со потпис од таткото на детето да донесам. Им го објаснив ова што ви го кажав и вам, залудно беше. Се вратив во Скопје, се распрашав, ми рекоа дека морам да имам документ за секој случај“.

Доколку родителите на малолетното дете се разведени, тоа не може да патува со еден од родителите доколку има забрана за патување согласно член 37 од законот. Станува збор за случаи во кои се води спор за доделување на старателство, односно центарот за социјални работи да има побарано нешто слично:

Одбивање на барањето за издавање на пасош или виза, односно одземање на пасош и поништување на виза: Ако тоа го побара центарот за социјална работа во врска со вршењето надзор над родителското право и работите со старателството, согласно со Законот за семејството;

Во ваков случај, при проверка на пасошите, системот ги препознава како спорни и постапува ако има забрана за излез.