Актуелно 26.03.2024 07:58

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

Граѓаните кои сакаат да купат јагне за празникот Велигден, ќе треба да потрошат околу 100 евра. Како што велат сточарите, големината на јагнето и квалитетот ја дефинираат цената. Според нив, кога купуваат, граѓаните гледаат да поминат поевтино. Сепак, сточарите се надеваат на подобри времиња.

„Се купува, ама најискрено не е како порано. Последниве години е криза, слабо е, тешко се одлучуваат за јагне. Повеќето бараат преку цела година за курбан, а пред празниците ретко“, вели Мирсад Дрндар, сточар.

И оваа година како и претходните, македонското јагне заврши на странски пазар, најчесто на италијанскиот, а дел ќе се продаде на домашниот пазар.

„Од фармер најскапото е 300 денари за килограм жива мера. Ако фармерот го заколе, цената е од 450 до 550 денари за килограм. Зависи кое јагне, според квалитетот. Прва класа ќе изнесува 450 до 480 денари килограм, млечно, младо јагне. Втора класа е ако јагнето жива мера е над 20 килограми. Тоа е до 530 денари, ако го земаат од фарма, а во кланица е поскапо, над 600 денари за килограм. Од фарма е поевтино и купувачот ќе види кое јагне го сака. Купуваат и од фармери директно, ако има јагниња. На граѓаните им е скапо, на нас евтино. Нас ни е поволно да дадеме поголема количина на кланиците“, вели Скендер Аме од Здружението на сточари Даши од Дебар.

Друг сточар објаснува дека нема голем интерес за одгледување на стока и купувачите треба да се навикнат дека цените мораат да бидат повисоки.

„Една кутија цигари нели е луксуз? Јас милам дека јагнето не е луксуз. Слабо купуваат луѓето. Немаат пари и повеќе народот троши по ресторани отколку да си купи јагне. Нормално дека се смени начинот на живот. За разлика од сега, порано луѓето повеќе купуваа јагниња. 100 евра ќе му требаат на купувачот да си купи јагне од сточар. Во кланица ќе биде поскапо, затоа што мора и за нив да има заработка. Има луѓе што договараат месец однапред, а некои на последен ден пред празникот бараат јагне. Сточкиот фонд во државата се намалува, така што во иднина можеби ќе дојде време кога ќе бидат спремни да платат и по 300 евра за јагне, ама ќе нема од каде да купат и тоа ќе биде најлошо. Често слушам се зборува дека сирењето е луксуз, јагнето е луксуз, но треба да сфатиме дека нема кој да одгледува стока веќе и дека во општеството има и други работи кои се луксуз“, објаснува сточар од Скопје.

Инаку, мнозинството јагниња се откупени за извоз за католички Велигден. Како што велат сточарите, откупната цена од 220 до 240 денари за килограм жива мера е ниска и не ги покрива основните трошоци. ()