Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањето е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија. Според податоците од платежната статистика за 2023 година, на Народната банка, забележано е зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16 %, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител. Според глобалната база на податоци „Финдекс“, на Светската банка, процентот на возрасни што извршиле или примиле дигитално плаќање се зголемил од 44 % во 2014 година на 64 % во 2021 година. Ова го кажа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот од работилницата под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, која се одржа во Народната банка.
Гувернерката посочи дека, преку низа активности, се поддржува примената на новите технологии во плаќањето и дека од суштинско значење за ова се и стратешкиот пристап и носењето финтек-стратегија за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка. Според неа, дигитализацијата, покрај предности, носи и нови ризици, како сајбер напади. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност.
– Сајбер нападите бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2.200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди. Финансиската индустрија, традиционално, е прва на листата по бројот на сајбер напади – вели Ангеловска-Бежоска.
Сајбер нападите стануваат сè покомплексни и посилни, а, според некои анализи, оваа година тие ќе ја чинат глобалната економија 9,5 трилиони американски долари, а во наредните две години би се зголемувала загубата со стапка на раст од 15 проценти.
На работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, кој води кон значајна пресвртница и со кој се овозмоуваат нови решенија за дигитално плаќање, кои, покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.
– Се очекува дека новата правна рамка, која е усогласена со правото на Европската Унија, ќе го зајакне трендот на дигитализација на платежните услуги во земјата и истовремено ќе ги отвори можностите за забрзана интеграција на земјата во СЕПА и поврзување со платежната инфраструктура во Европската Унија, што ќе овозможи побрзо и поевтино плаќање во евра за граѓаните и за компаниите – истакна Игор Величковски, директорот на Дирекцијата за платни системи.
Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор. Сè повеќе граѓани плаќаат електронски, и тоа најчесто преку мобилен телефон. Подигањето готовина од банкоматите се зголемува, а користењето на банкарските шалтери се намалува. Се зголемува и интересот за електронски увид во сметките.
Во малопродажбата во земјава, сè уште доминанта улога има плаќањето во кеш (со готовина), евидентен е голем раст на безготовинското плаќње. Овие трендови особено дојдоа до израз за време на ковид-пандемијата, но и натаму продолжуваат.
Според Европската централна банка, 73 отсто од малопродажното плаќање во рамките на ЕУ сè уште е во кеш.
– Годишните електронски трансакции по глава на жител за 2022 година кај развиените економии достигнуваат 468 трансакции, што е 10 отсто зголемување, а кај економиите во развој се 291, што претставува зголемување од 18 отсто – информира Ангеловска-Бежоска.
Повеќе од 100 централни банки во светот, дополни, ја анализираат потребата за издавање своја дигитална валута, вклучително и Народната банка, а четири централни банки веќе имаат издадено своја дигитална валута.