Актуелно 04.07.2018 16:13

Се создава ли европско-кинески сојуз против Трамп?

Како што пренесуваат некои странски медиуми кинеските дипломати овие денови се мошне активни на просторот на Европа и настојуваат да ги придобијат европските земји за создавање на заеднички отпор против претседателот на САД, Доналд Трамп и неговите политики. Но, што им нудат Кинезите на европејците за возврат? Она што за Европа би било навистина примамливо се отворени патишта до огромниот кинески пазар.

Не е тајна дека Кина веќе некое време настојува да создаде алијанса со ЕУ против САД. Ако успеат тоа би можело сериозно да влијае врз понатамошниот развој на трговската војна што американскиот претседател ја издигна на глобално ниво.

Заменикот на кинескиот премиер, Лиу Хе и други високи службеници од Пекинг, деновиве одржаа повеќе состаноци во Брисел, но и во Берлин. Една од идеите што наводно ја нудат е збивање на редовите во Светската трговска организација и покренувње заедничка акција против Вашингтон.

Кинеско-европскиот самит ќе се одржи на 16 и 17 јули. Извори запознаени со ситуацијата наведуваат дека тоа би бил вистински момент кога Европа и Кина би можеле да претстават неколку сектори од кинеската економија што за прв пат би станале достапни за европските инвеститори.