Актуелно 05.12.2023 13:24

Сè уште се договараат деталите како ќе се аплицира за државните пари

Сè уште се договараат деталите како ќе се аплицира за државните пари

Дел од семејствата што имаат ученици или студенти, се надеваат дека нема да бидат заборавени, оти ќе треба да се собираат документи, а веќе тече декември

Сè уште се договараат деталите за начинот, критериумите, условите и роковите со кои учениците и студентите ќе може да аплицираат за својот дел од деветтиот антикризен пакет, а како што неофицијално дознава „Слободен печат“, тоа најверојатно ќе се случи деновиве. Дел од семејствата што имаат ученици или студенти, се надеваат дека нема да бидат заборавени, бидејќи веќе тече декември.

– Ако треба да собираме документи за аплицирање, треба навреме да нè информираат. Со оглед на опфатот на мерката, сигурно ќе има метежи пред административните шалтери. Декември тече, а како што се наближуваат празниците, ќе почне и зимскиот распуст, затоа би било добро што побрзо да завршат процедурите – вели една скопјанка.

Најновиот пакет државна помош беше објавен на 28 ноември, а оттогаш нема други детали како ќе се аплицира за неа. Под притисок на јавноста на 29 ноември, беше соопштено дека за начинот на кој учениците и студентите ќе можат да аплицираат, за искористување на овие мерки, Владата и Министерството за образование и наука ќе објават подетални информации во следните неколку денови.

Според објавата на премиерот Димитар Ковачевски, повеќе од 120 илјади ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надоместок до крајот на тековната учебна, односно академска година како поддршка за нив и нивните семејства, во услови на зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза. Ова е предвидено во новиот деветти по ред пакет со антикризни мерки на Владата, насочен кон младите, ранливите категории на граѓани и приватниот сектор. Деветтиот пакет со 26 антикризни мерки за поддршка на граѓаните е во вкупна вредност од 662 милиони евра.

– Околу 105 илјади ученици од основните и средните училишта што потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50 илјади денари, секој месец во наредните шест ќе добиваат финансиски надоместок во износ од 1.200, односно 1.800 денари. Додека, повеќе од 15 илјади студенти што студираат надвор од своето место на живеење, во следните 7 месеци, додека трае академската година, ќе добиваат ваучери за превоз, односно надоместок во износ од 600 до 1.200 денари во зависност од пресметаните трошоци за превозот – објави Министерството за образование.

За потсетување, редовните студенти добија рок од 5 до 10 август годинава за да аплицираат за правото на субвенциониран оброк во износ од 140 денари, а потоа требаше да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка. Кандидатите се пријавуваа електронски на линк на МОН и услуги.гов.мк. ()