Банкарство 24.11.2023 09:04

СЕ ЗАДОЛЖУВАМЕ НА ГОЛЕМА ВРАТА, АМА ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ СЕ СТАБИЛНИ – Народна банка открива колку сега достигнаа

СЕ ЗАДОЛЖУВАМЕ НА ГОЛЕМА ВРАТА, АМА ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ СЕ СТАБИЛНИ – Народна банка открива колку сега достигнаа

Македонија во следниов период ќе земе повеќе кредити и позајмици од неколку европски институции, чија намена е одржување на стабилноста на буџетот, инвестирање во железничката инфраструктура, но и други цели.

Во Собрание е доставен предлог закон за задолжување со заем кај Европската Унија по Договор за заем за Mакро-финансиска поддршка. Овој закон се носи по скратена постапка. Вкупната вредност на заемот е 100.000.000 евра, ќе се повлекува во две транши, секоја во износ од 50 милиони евра, во период од 2 години.

Во него е посочено дека овие 100 милиони евра Владата може да ги користи за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот.

Токму овој пасос беше главна причина да прашаме во Народна банка, институција задолжена за одржување на девизните резерви, а со нив и девизниот курс на денарот, дали и зошто е потребна поддршка за пазарот на девизи.

Од НБ за Фактор велат дека, појаснувањето дадено во законот за ова конкретно задолжување ги содржи општите начела за користење на тој тип на помош која Европската унија ја одобрува за одредени земји. Тие потенцираат дека девизните резерви во земајва се на соодветно ниво, доволно да се одржи стабилноста на девизниот курс.

– Посочувањето се однесува на општите начела на користење на средства во форма на Макрофинансиска помош од ЕУ. Земјата може да ги користи овие финансии согласно потребите, а во предлог Законот, во членот 4 е нагласено дека средствата од заемот од овој закон ќе се користат за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија – објаснија од Народна банка.

Од ова инститиуција додаваат дека секако со оглед на тоа што ова се средства коишто значат надворешно финансирање, тие ќе значат дополнителна поддршка на вкупниот девизен потенцијал на економијата во целина.

– Девизните резерви тековно се одржуваат на ниво од близу 4 милијарди евра, и согласно сите меѓународни стандарди за адекватност, тие се соодветни и доволни за одржување на стабилноста на девизниот курс. И покрај последователните кризи, девизните резерви континуирано растат, вклучително и во текот на 2023 година. За последниов период особено е важно што растот во најголем дел е движен од интервенциите на девизниот пазар на Народната банка, со откуп на девизи, во услови на значајно намалени притисоци од минатогодишната енергетска криза и растечка склоност за домашната валута – укажуваат од Народна банка.

Инаку во Собранието на Република Македонија доставени се повеќе закони со кои нашата земја ќе се задолжи.

Два од нив, едниот од Европската инвестициона банка и другиот од Европската банка за обнова и развој се за изградба на последната и најтешката фаза од железничко поврзување со Бугарија. Според овие два закони, ќе се задолжиме 560 милиони евра. ЕИБ и ЕБОР ќе одобрат кредит од по 175 милиони евра, 149 милиони евра ќе бидат неповратен грант од инвестициската програма за Западен Балкан, додека 61 милион евра исто така ќе биде неповратен грант од ИПА 2 програмата.

Покрај споменатите закони за задолжување, во Собрание има уште два закони со кои ќе бараме позајмици од Меѓународна банка за обнова и развој и Кредитна банка за обнова (КфВ).

Дека задолженоста на Македонија во следниов период ќе се зголемува се потврдува и во Буџетот за 2024 година доставен исто така во Собранието на Македонија. Таму е посочено дека заклучно со крајот на септември државниот долг на Македонија изнесувал 6.936,4 милиони евра, односно 48,2 отсто од БДП, додека јавниот долг 8.032,6 милиони евра, односно 55,8 проценти од БДП.

– Согласно со Стратегијата за управување со јавен долг на Република Северна Македонија за 2024-2026, државниот долг на крајот на 2024 година ќе забележи благо зголемување и ќе изнесува 53,4 отсто, додека јавниот долг се очекува да биде 63,2 проценти – пишува во предлог буџетот. ()