Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе ја одржи 4. седница на која на дневен ред се повеќе точки поврзани со организацијата и спроведувањето на есенскиот референдум.
Членовите на Комисијата ќе одлучуваат по барањето за добивање на овластување за набљудување на Референдумот 2018 за Граѓанската асоцијација МОСТ и за Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС – Канцеларија во Македонија.
На дневен ред се и предлог-одлуките за измена на Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки во 2018 година на ДИК за референдумот, за доделување авансни средства на Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК за обиколка и обезбедување на избирачките места, како и за доделување на средства за тековни трошоци и транспортни трошоци на општинските изборни комисии. ДИК ќе ги разгледа информациите за текот на пријавувањето на граѓаните за гласање во ДКП во странство.
Членовите на Комисијата ќе разгледаат барања за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии со Укажување за постапување на општинските изборни комисии и ќе извршат случаен избор за испразнетите места во ОИК.
МИА