Актуелно 21.02.2025 09:13

Семинар „Едукација и инклузија – клучна карика во музејското работење“

Семинар „Едукација и инклузија – клучна карика во музејското работење“

Здружението Македонски Национален Комитет при Меѓународниот Совет на Музеите (МНК ИКОМ) денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе организира семинар насловен „Едукација и инклузија – клучна карика во музејското работење“.

Како што соопштија од МНК ИКОМ, целта на музејската едукација е постојано развивање на пристапот и важноста од секаков вид учење во музејот кон различни целни групи. Со реализација на едукативни работилници за деца, ученици, студенти и младинци, со лица од трето доба се настојува да се следи структурата и интересот на публиката. За таа цел, потенцираат, реализираат проекти, планови и едукативни изложби.

-Музејот како институција, со своите содржини и едукативни активности, треба да го подигне нивото на јавната свест за правата на лицата со инвалидитет, и на тој начин да придонесе за општата толеранција за различноста во општеството. Нашата цел е да имплементираме повеќе проекти за пристапноста и достапноста на музејската поставка до лицата со различна попреченост, но и да организираме предавања и обуки заедно со наставниците, соработниците од различни здруженија како и со колегите од другите музеи кои ја обавуваат едукативната дејност, велат од МНК ИКОМ.

Како што е најавено, на семинарот со свои трудови ќе се претстават презентерите Марија Димишкова – „Музеј за сите (неформално образование)“; Маја Димитрова – „Социјална инклузија“; Ана Вишинова – „Музејска едукација и пристапност кон различни целни групи“ и Перо Арџанлиев – „Ракување, пакување и презентација на археолошки артефакти“.