Мозаик 31.01.2019 14:37

Сензационално откритие на вавилонски таблет стар 3700 години

Сензационално откритие на вавилонски таблет стар 3700 години

Таблет од глина стар 3.700 години покажува како Вавилонците развиле тригонометрија околу 1.500 години пред Грците, и користеле софистициран математички метод кој би можел да биде корисен и денес, пишува Телеграф.

Глинениот таблет, кој се води под името Плимптон 332, бил откриен уште во 1900-тите години во јужен Ирак. Го пронашол американскиот археолог и дипломат Едгар Банкс, кој послужил како инспирација за филмскиот лик Индијана Џонс.

Но, иако таблетот е во рацете на научниците повеќе од еден век, дури најновата анализа успеала да ја открие неговата содржина – се работи за најстарите тригонометриски таблици во историјата, кои тогашните архитекти веројатно ги користеле за да ги дизајнираат храмовите, палатите и каналите.

Она што е сосема поинакво во вавилонските таблици е тоа што нивниот нумерички систем бил заснован на бројот 60, за разлика од денешниот декаден систем, базиран на бројот 10. Бидејќи 60 е деллив со 3, експертите кои го проучувале таблетот откриле дека нивните пресметки биле значително попрецизни.

– Нашето истражување покажало дека Плимптон 322 опишува форми на правоаголен триаголник, при што се користи со досега непознат вид на тригонометрија, која е базирана на пропорции, а не на кругови и агли, рече д-р Даниел Менсфилд од Универзитетот на Нов Јужен Велс.

Д-р Менсфилд, професор по математика и статистика, тврди дека таблетот е фасцинантен математички уред кој покажува несомнена генијалност.

– Не само што има најстари тригонометриски таблици во светот; тоа е, исто така, една целосно точна тригонометриска таблица, поради различниот пристап на Вавилонците кон аритметиката и геометрија. Тоа значи дека има голема важност и за нашиот современ свет. Вавилонската математика можеби не е во мода веќе повеќе од 3000 години, но има можни практични примени во геодезијата, компјутерска графика и во образованието, тврди Менсфилд.

– Ова е редок пример како античкиот свет нè научил на нешто ново, рече тој.

Се верува дека таблетот доаѓа од античкиот сумерански град Ларс, направен помеѓу 1822. и 1762. година пред нашата ера. Во моментов се наоѓа во библиотеката на ретки книги и ракописи на Универзитетот Колумбија во Њујорк.