Каматите за депозитите во септември се зголемиле, при што просечната стапка изнесува 1,59 проценти. Кај кредитите, за среќа на корисниците, нема месечна промена, нивото е исто – 5,49 проценти.
Сепак, има годишен раст од 1,14 процентни поени. Минимално намалување од 0,04 процентни поени во однос на август е забележан кај просечната стапка на новоодобрените кредити, која во септември е 5,49 проценти. Во овој сегмент годишниот раст е 1,40 процентни поени. Ова се податоците од последниот извештај на Народната банка за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците во септември.
Просечната камата на вкупните депозити е повисока и на месечно и на годишно ниво, за ниските 0,04, односно 0,89 процентни поени. Низок пад од 0,02 процентни поени има кај просечната стапка на новопримените депозити, која по ваквото регресирање изнесува 2,15 проценти. Поинаква е состојбата на годишно ниво – раст од 1,08 процентни поени.
Корпоративен сектор ‒ Септемвриската просечна стапка на вкупните кредити е со минимален месечен раст од 0,01 п.п. и изнесува 5,37 проценти. А, промената се објаснува со повисоките стапки на денарските кредити, додека кај каматите што се пресметуваат на девизните кредити е забележано намалување. На годишна основа каматната стапка на вкупните кредити е повисока за 1,78 процентни поени.
Намалување од 0,23 п.п. има кај стапката за новоодобрените кредити и изнесува 5,50 проценти. Од годишен аспект има раст од 1,78 п роцентни поени.
Во деветтиот месец од годинава опаѓање е евидентирано и кај просечната камата на вкупните депозити во овој сектор, за 0,14 п.п. и е на ниво од 1,94 проценти. Според валутната структура, наведуваат од Народната банка, падот е резултат на намалените стапки на депозитите во странска валута и на денарските депозити без валутна клаузула. Годишниот раст е за 0,83 процентни поени.
Каматната стапка на новопримените депозити е 1,65 проценти, а до нив е дојдено по месечното намалување од 0,16 п.п. Падот во целост се припишува на пониските стапки на депозитите без валутна клаузула. Инаку, за една година оваа стапка се зголемила 0,57 процентни поени.
Домаќинства – Стапката за вкупните кредити во септември била во фаза на стагнација и е 5,61 процент, додека на годишна основа бележи раст од 0,56 процентни поени.
Новоодобрените кредити се нешто поскапи. Стапката е со месечен раст од 0,23 п.п. и изнесува 5,47 роценти. Тоа пред се се должи на повисоките камати кои се пресметуваат на денарските кредити без валутна клаузула. Споредено со истиот период од минатата година, оваа стапка остварила раст од 0,82 процентни поени.
Кај каматната стапка на вкупните депозити во септември е забележан раст од 0,05 п.п. и таа достигнала 1,55 проценти. Промената е предизвикана од растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на девизните депозити. На годишно ниво стапката е зголемена за 0,88 процентни поени.
За новите влогови граѓаните во септември добиле стапка од 2,40 проценти, повиоска од августовската за 0,08 п.п. Ова движење е поттикнато од зголемените камати на денарските депозити без валутна клаузула. Оваа стапка има нагорно движење од 1,33 процентни поени на годишно ниво.