Живот 18.11.2025 10:52

ШЕФОТ НА ГУГЛ АЛАРМИРА Вештачката интелигенција расте пребрзо, ризикот од колапс станува реален

ШЕФОТ НА ГУГЛ АЛАРМИРА Вештачката интелигенција расте пребрзо, ризикот од колапс станува реален

Шефот на Алфабет, Сундар Пичаи, предупреди дека ниту една компанија нема да остане имуна ако „пукне балонот“ со вештачката интелигенција.

Во ексклузивно интервју за Би-Би-Си, тој оцени дека сегашниот инвестиционен бум е „екстраординарен момент“, но дека во него постојат и „елементи на ирационалност“.

Пичаи зборува во време кога вредностите на компаниите за ВИ технологии нагло растат, а аналитичари сè почесто предупредуваат на преголеми вложувања и повторување на сценарија како дотком-балонот од 2000 година.

– Мислам дека ниедна компанија нема да биде имуна, вклучително и ние – рече тој, додавајќи дека индустријата знае да „претера“ во инвестициски циклуси.

Во интервјуто тој се осврна и на брзиот раст на Алфабет, чија вредност се удвои за само седум месеци и достигна 3,5 трилиони долари. Гугл инвестира во сопствени ВИ-чипови и се обидува да се спротивстави на конкуренцијата од „Nvidia“ и „OpenAI“. Според Пичаи, предноста на Гугл е што ја контролира целата технолошка „вертикала“ – од чипови, преку модели, до огромни бази на податоци како Јутуб.

Тој потврди и дека компанијата ќе го прошири присуството во Обединетото Кралство, вклучително и со истражувања преку „DeepMind“. Првпат најави и дека моделите на Гугл со време ќе се тренираат во Британија, чекор што британската влада го гледа како можност земјата да стане „третата ВИ суперсила“.

Но со растот доаѓаат и грижи. Пичаи предупреди дека ВИ веќе троши 1,5% од светската електрична енергија и дека ќе бидат потребни нови извори и поголема инфраструктура. Призна и дека ова темпо може да ја забави климатската агенда на Google, иако целта за нето-нула емисии до 2030 останува.

Пичаи смета дека ВИ ќе го трансформира пазарот на труд, но ќе отвори и нови можности.

– Сите професии ќе постојат, но ќе напредуваат оние што ќе научат да ги користат новите алатки – вели тој.