Актуелно 15.01.2020 15:20

Шеќеринска демантира и добива извинување: Да, македонското Министерството за одбрана го дало тендерот на грчката фирма ППС, новиот сопственик на ЕДС, не на Анѓушев

Шеќеринска демантира и добива извинување: Да, македонското Министерството за одбрана го дало тендерот на грчката фирма ППС, новиот сопственик на ЕДС, не на Анѓушев

Иако Курир само презема готов текст од друг медиум (лесно утврдливо според времето на објава и соддржината), поведени од професионалноста и задачата за информирањето на јавноста во целост го објавуваме демантот на Радмила Шеќеринска, која посочува дека ЕДС, фирмата која го доби тендерот на Министерството за одбрана од 1,6 милиони евра, во моментот веќе била продадена и не била сопственост на Кочо Анѓушев.Во демантот на Шеќеринска (пренесен од збор до збор и покрај навредливиот вокабулар) се вели:

“Наводите во написите објавени во Вечер.мк, Курир, Република, Инфомакс, Лидер.мк, Скопје 1 и Нетпрес се лажни и тенденциозни. Фирмата EDS што ја споменувате и злонамерно ја доведувате во контекст кој вие го посакувате, не е во сопственост на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Ако бевте новинари кои трагаат по вистината истиот податок ќе го видевте и во Централен регистар.
Понатаму, за точно информирање на јавноста известуваме и за следново: Согласно законските обврски Министерството за одбрана спроведе јавна набавка за снабдување со електрична енергија.На огласот се јавија четири фирми кои учествуваа на електронска аукција во која значително се намали цената. Од првичните понуди кои изнесуваа помеѓу 95 и 116 милиони денари, поради конкуренцијата цената се намали на 77,7 милиони денари. Тоа значи околу 18 милиони денари помалку од првичната најниска понуда.Со ова Министерството за одбрана ќе оствари заштеда и во однос на претходните трошоци за таа намена и во однос на постигнатите цени во други институции.Се надеваме дека ќе престанете да ширите лажни вести бидејќи така си штетите на себе, а државата ја правите буниште на лажни вести. Истовремено, согласно чл.13 за ублажување на штета и чл.14 за право на реагирање, демант одговор и исправка, од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, барам да ми се извините за лагите и клеветите, и да го објавите овој демант согласно пропишаните услови од наведениот закон.“

Иако вокабуларот на вицепремеирката и министерка за одбрана во делови од демантот (пренесен на официјален меморандум од институција како Министерство за одбрана) можеби и не приличи на еден јавен функционер и на страна што се работи за целосно преземен текст (што може да се утврди од времето на објавата, соддржината и сликата, за информација која беше оценета како јавен интерес за граѓаните на Република Македонија), поведени од професионалноста, Курир и се извинува јавно на Радмила Шеќеринска затоа што изумивме дека во меѓувреме ЕДС е продадена на грчката фирма ППС, фирма која доби 1,6 милиони евра како најдобро рангирана на тендерот на македонското Министерство за одбрана.