Банкарство 06.03.2024 08:35

Што направи ТТК Банка, а не се осмели да го направи ниту една компанија досега?

Што направи ТТК Банка, а не се осмели да го направи ниту една компанија досега?

ТТК Банка ќе исплати дивиденда во нови акции за своите постоечки акционери. Храбар и пионерски потег во нашата корпоративна историја кој заслужува почит и внимание. По 25 години корпоративно управување и пазарна евалуација на вредноста прва македонска компанија се осмели да исплати дивиденда во нови акции. Чекор што секако вреди да се следи!

ТТК Банка направи историски потег и стана прва компанија во македонската корпоративна историја која ќе исплати дивиденда во акции кои се дел од нова емисија за познати инвеститори. Ова е предлог одлука која што акционерите на банката ќе ја гласаат на претстојното редовно акционерско собрание закажано за последниот работен ден овој месец, поточно за 29 март (петок).

Станува збор за добивка во вкупна вредност од 1,7 милиони евра (бруто износ) која банката ќе ја додели во форма на дивиденда. При тоа предлогот е секој акционер две третини од дивидендата што го следува да ја добие во нови акции, а една третина од вредноста во кеш на негоата трансакциска сметка.

Тоа значи дека банката прво со одлука на истото собрание ќе го зголеми својот капитал со 1,1 милиони евра за кои веднаш потоа ќе издаде нови акции со право на глас. Тие акции ќе ги подели на постоечките акционери согласно со нивното пропорционално учество во акционерската структура. Најголем дел од новите акции ќе добие тетовски „Тетекс“ компанија која во ТТК Банка контролира и поседува 41,4 отсто од сите акции со право на глас.

На акционерите ќе им биде исплатена дивиденда во акции вредна 1,1 милиони евра и таа ќе биде преточена во нови 67.589 акции со право на глас. На акционерите ТТК Банка ќе им исплати и дивиденда во кеш во вкупен износ од 527.500 евра. При тоа е важно да се истакне дека акционерите кои имаат помалку од десет акции својата дивиденда ќе ја добијат само во кеш затоа што вкупниот износ на дивиденда е понизок од вредноста на една нова акција. А номиналната и пазарната вредност на секоја нова акција ќе изнесува 1.000 денари.

Доколку се исклучи фактот дека ТТК Банка дел од дивидендата исплаќа во форма на акции излегува дека оваа мала банка има најголем дивиденден принос во конкуренција на сите банки. Затоа што приносот така би изнесува 7,5 отсто по акција.

Како новата емисија акции ќе влијае врз нивната пазарна цена?

Тоа зависи од неколку фактори. А веројатно најбитниот меѓу нив би бил идниот перформанс на банката. Доколку таа продолжи успешно да се бори на пазарот со силната конкуренција и да генерира добивки нејзината пазарна цена ќе расте или ќе се одржува на ова или повисоко ниво. Тоа би ја стимулирано побарувачката за таа акција и тоа ќе влијае соодветно и врз цената. Доколку пак резултатите во иднина не се такви дел од акционерите можеби ќе решат „да ја уновчат“ дивидендата и да ги продадат акциите особено од новата приватна емисија. Тоа би можело да ја спушти нејзината пазарна цена на среден рок. Особено затоа што бројот на акции кои ТТК Банка ќе ги издаде наскоро во приватна понуда е двојно поголем од целата истргувана количина со таа акција за период од една календарска година. ()