Банкарство 14.06.2024 08:08

Што се случува со цената на акцијата на Комерцијална банка?!

Што се случува со цената на акцијата на Комерцијална банка?!

Што се случува со цената на акцијата на Комерцијална банка. Иако е факт дека цената на таа хартија од вредност и од порано постојано оди нагоре, и е убедливо најтргувана акција според берзанскиот промет, неминовен е впечатокот дека последниве два дена, односно завчера и вчера, акцијата на Комерцијална банка фантастично расте и се вивнува во нестварни височини.

Па така, ако во вторникот акцијата на Комерцијална банка затвори со цена која и онака е висока, односно 20.463 денари за акција, веќе во средата цената се искачи вртоглаво на 20.992 денари, а веќе вчера нов фантастичен скок, или една акција чинеше дури 21.935 денари.

Или, за да се направи подобра споредба, може само да се каже дека перед околу десетина дена, конкретно на 3 овој месец, една акција на Комерцијална банка се продаваше по цена од 18.159 денари, за оттогаш па наваму линијата на нејзиниот раст да стане речиси вертикална, и вчера да се доближи до 22 илјади денари.

Ако ги погледнеме количините, можеме да констатираме дека во вторникот и средата не беа истргувани некои огромни количини на акции. Или, во вторникот својот сопственик го сменија 245 акции, а завчера тоа беа 360 акции.

Но, затоа вчера се истргува на редовниот пазар многу позначајна количина на акции, или дури 840 вакви хартии од вредност.

Ако цената во вторникот била 20.463 денари, а се продале 245 акции, значи дека прометот во вторникот прометот бил близу 82 илјади евра, додека, пак, завчера тој изнесуваше над 128 илјади евра.

Додека, пак, вчера истргуваната количина од 840 акции, согласно цената од 21.935 денари, значи дека само вчера со акциите на Комерцијална банка се свртел промет од безмалку 300 илјади евра. Само за еден ден!

Значи, инвеститорите вложуваат прилично „запалено“ во акциите на Комерцијална банка.

Точно е дека банката е екстра профитабилна, најголема банка во земјава, точно е дека дели одлични дивиденди, како и дека има доста разновидна и недефинирана сопственичка структура, што секогаш е мотив повеќе кај вложувачите, но сепак, се интересиравме кај наши извори во банката, дали има нешто што пошироката јавност можеби не го знае, некоја можна зделка или друг тригер, кој направи инвеститорите буквално да „полудат“ по акции на Комерцијална банка.

Наши извори во банката велат дека нема некоја сериозна информацвија која би можела да го предизвика овој раст на цената.

„Се што имаме како новина, транспарентно го објавуваме на Берзата“, велат за Фактор извори од Комерцијална банка.

А, факт е дека Комерцијална банка известува за сите новини, од кои последните беа дека е продолжен мандатот на членовите на Управниот одбор на банката, односно на Илија Илоски, за период од четири и пол години и на Билјана Максимовска Поповиќ и Никола Џамбазовски за период од шест години.

Имаше промени и во Надзорниот одбор на нашата најголема банкарска институција. Комерцијална банка вчера ја извести инвеститорската јавност преку берзата за ценовно чувствителна информација, односно за новини и именувања во нивниот Надзорен одбор.

Александра Максимовска Стојкова е избрана за претседател, а Ванчо Чифлиганец за заменик претседател на Надзорниот одбор.

Само неколку дена претходно, Комерцијална банка извести за важна ценовно чувствителна информација која се однесува на нивното работење, дека Народна банка на Македонија издала согласност за нивните членови на Надзорниот одбор, кои во следните четири години ќе ја вршат таа функција, односно издала согласност на Александра Максимовска Стојкова, Ванчо Чифлиганец, Горан Антевски, Сашо Наумоски, Фатмир Етеми, Ивана Милковска Симева и Петар Теговски за членови на Надзорниот одбор на Банката со мандат од 4 години, именувани со Одлука на Собрание на Банката одржано на 27 март оваа година.

Менаџерите и членовите на УО и НО постојано купуваат акции од банката и тоа транспарентнбо го објавуваат.

На крајот на април годинава, пак, Комерцијална банка објави дека намерите се навеистина сериозни, стартува процедурата за евентуално присоединување на Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка.

Како што и најавија, од Комерцијална банка ја почнуваат постапката за длабинска анализа, од која ќе стане навистина јасно дали ќе се оствари присоединувањето кон нив на Стопанска банка Битола.

По завршување на постапката на длабинска анализа, Комерцијална банка АД Скопје ќе донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување, за што јавноста ќе биде известена“, се вели во објавата која преку берзата ја сподели со инвеститорската јавност Комерцијална банка.

Фактор вчера се интересираше дали на оваа постапка се работи, а наши извори од банката велат дека тоа е процес кој тече и кој не може да заврши преку ноќ, а намерите на двете банки се навистина сериозни.