Економија 10.01.2019 18:54

Швајцарија: Најмалку невработени во последните десет години

Швајцарија: Најмалку невработени во последните десет години

Просечната месечна стапка на невработеност во Швајцарија минатата година изнесуваше 2,6 отсто, во споредба со 3,2 од 2017 година.

Стапката на невработеност во Швајцарија минатата година беше најниска во последните десет години.

Според податоците на Државниот секретаријат за економски прашања – SECO, просечната месечна стапка на невработеност во земјата минатата година изнесувала 2,6 отсто, што е најниско ниво во текот на последната деценија.

Новинската агенција Анатолија потсетува дека просечната месечна стапка на невработеност во 2017 година изнесуваше 3,2 отсто, а во 2016 година изнесуваше 3,3 проценти.

Економијата  здрава и стабилна

Во соопштението на SECO се наведува дека податоците од 2018 покажаа дека швајцарската економија и пазарот на труд се во стабилна и здрава состојба.

Минатата година, Швајцарија месечно во просек имала 118.103 невработени, што е за 25.039 помалку во споредба со 2017 година.

Просечната месечна стапка на невработеност на младите во 2018 година изнесувала 2,4 отсто, што е за 0,7 отсто помалку во однос на претходната година.

Просечната месечна стапка на невработеност на лица постари од 50 години изнесувала 2,5 проценти.