Банкарство 22.03.2024 08:40

Швајцарската централна банка ги намали трошоците за задолжување

Швајцарската централна банка ги намали трошоците за задолжување

Швајцарската национална банка (SNB) во четвртокот ги намали клучните каматни стапки, истакнувајќи дека инфлацијата е намалена и дека пониските трошоци за задолжување ќе ја поддржат економската активност. SNB ја намали основната каматна стапка за четвртина процентен поен, на 1,5 отсто.

Инфлацијата во Швајцарија ослабела во февруари деветти последователен месец, лизгајќи се на 1,2 отсто, што значи дека е во рамките на целниот опсег на SNB од нула до два отсто.

„Олабавувањето на монетарната политика беше овозможено со ефективната борба против инфлацијата во изминатите две и пол години“, се вели во соопштението на банката.

Надлежните посочија дека при одлучувањето за каматните стапки го земале предвид ублажениот инфлациски притисок и јакнењето на франкот реално во изминатата година.

„Намалувањето на каматната стапка ја поддржува и економската активност“, велат од SNB.

На почетокот од седмицата швајцарските извозници побараа од централната банка да се посвети на економијата по успешното ограничување на инфлацијата во период на глобално економско забавување и слабеење на побарувачката.

Инфлацијата е под контрола и централната банка мора да испита што може да направи за да им помогне на извозниците, рече шефот на швајцарската механика Никола Тетаманти, сугерирајќи им на претставниците на SNB да се фокусираат на управувањето со девизните резерви за да спречат претерано зајакнување на франкот.

„По завршувањето на задачата пропишана со закон (за контрола на инфлацијата), SNB мора да ја земе предвид и состојбата на економијата, а тоа, се разбира, вклучува и ублажување на влијанието на валутните шокови врз индустријата“, велат од раководител на здружението за машинска и електрична индустрија Swissmem, Стефан Брупбахер.

Франкот значително зајакна во однос на доларот и еврото минатата година, што го намали притисокот врз увозните цени, но и ја продолжи листата со проблеми за швајцарските извозници, покрај слабата побарувачка од Германија и Кина.

Од почетокот на годината, швајцарската валута благо ослабе, но сепак е речиси три отсто посилна во однос на еврото и шест отсто посилна во однос на доларот отколку во март 2023 година.

Индустријата е столбот на извозно ориентираната швајцарска економија и сочинува околу 22 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Речиси три четвртини од швајцарските производи се продаваат во странство. ()