Јапонија забележа трговски суфицит од 626 милијарди јени, или 5,6 милијарди долари во април. Ова е она што денеска го објави Министерството за финансии. Овој резултат се должи на силната побарувачка за јапонски автомобили и индустриска опрема на пазари надвор од земјата.
Извозот порасна за 7,8 отсто на 6,8 илјади милијарди јени, што е повеќе од порастот од 5,9 отсто од увозот, достигнувајќи 6,2 илјади милијарди јени, според прелиминарниот извештај на Министерството за финансии.
Трговскиот суфицит е зголемен за 30,9 отсто на годишна основа, и покрај зголемувањето на увозот на енергија.
По региони трговскиот суфицит на Јапонија при стоковата размена со САД е зголемен за 4,7 отсто до 615,7 милијарди јени благодарение на зголемениот извоз на автомобили.
Јапонските автомобили биле силно барани и во ЕУ, што доведе до зголемување на трговскиот суфицит на земјата со 28-те членки со 68,8 отсто до 102,9 милијарди јени.
Јапонија го намали дефицитот со Кина, која е најголемиот нејзин трговски партнер, со 40,2 отсто до 145,8 милијарди јени, бидејќи извозот на опрема за производство на дисплеи со течни кристали е зголемен повеќе од двојно.
Јапонскиот трговски суфицит со Азија како целина се зголеми за 16,6 отсто на 716,3 милијарди јени.