Актуелно 29.03.2020 12:31

Синдикатот на УПОЗ апелира да не се намалуваат платите под 25.200 денари

Синдикатот на УПОЗ апелира да не се намалуваат платите под 25.200 денари

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), деновиве со загриженост ги проследи и последните настапи и изјави на челниците на владеачката партија, а во врска со предлог мерките со кои на вработените во администацијата и јавниот сектор за месеците април и мај треба да им се исплати минимална плата.

Синдикатот на УПОЗ и натаму смета дека вака предложените мерки се избрзани, популистички и не одржливи, особено по искажаната проценка дека вкупната заштеда од исплата на минимилна плата за два месеци на администрацијата и јавниот сектор е 30 милиони евра. За нас не е сфатливо зошто само во нашата држава се инсистира на кратење на платите до ниво на минимална плата и тоа од нај ниско платените, иако скоро сите држави во регионот и пошироко со превземените економски мерки воопшто или само процентуално ги намалуваат платите на вработените.

Изедначување на платите на фунционерите чии месечни примања се над 60.000,00 денари, со платите на вработените кои земаат 17.000,00 денари, не само што не е солидарно туку е и неспоредливо. Ова особено ако се земе во предвид фактот дека повеќе од половина министри, пратеници, директори и членови на управните одбори имаат сопствени бизниси, а и доколку немаат, само платите кои им ги дава државата се доволни за заштеди со кои не само што можат да издржат повеќе од два месеци, туку по завршување на кризата со исплата на бонуси и дневници повеќе од два пати ќе си ги вратат намалените износи.

Со вака предвидената мерка се создава дополнителен јаз и нееднаквост на вработените, а особено кај вработените од Категоријата Г (референти) во администрацијата чија максимална плата изнесува 16.474,00 денари, самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработени кои во семејството имаат болни од тешки хронични заболувања, како и на вработените кои се единествени вработени во семејствата. Изгледа дека никој не ги има земено во предвид режиските трошоци кои ниту се одложени ниту пак намалени и набавките на вработените со административна забрана. Без да се земат во предвид овие фактори, со исплатата на минимална плата на администрацијата не само што ќе се намали потрошувачката моќ на овие вработени, туку истата ќе биде непостоечка.

Поради ова Синдикатот на УПОЗ апелира до Владата, повикувајќи се на начелото на солидарност и од уставната одредба според која Р.С. Македонија е социјална држава, да не го прифати предлогот за намаување на платите во администрацијата особено на оние чија плата е под државниот просек од 25.200,00 денари. Предлагаме сите избрани функционери (министрите, пратениците, членовите на управните и извршните одбори и др.) да го следат примерот на Министерката за финансии и во целост да се откажат од своите месечни примања се додека трае кризата, а со цел да и помогнат на државата. Само на тој начин ќе се покаже вистинска солидарност, бидејќи солидарност не е товарот да го понесат најмалку платените вработени.

Исто така предлагаме, државата за период од два месеци да го превземе плаќањето на придонесите за сите вработени, а здравствените трошоци за време на епидемијата да ги покрива Фондот за здравствено осигурување, а не работодавачите.

Но доколку сепак намалувањето на платите во администрацијата сепак е нужно предлагаме друго решение и намалувањето да се однесува само на оние кои се повисоки од просечната плата во државата и тоа:

На вработените во Категоријата А (секретари) согласно Законот за административни службеници намалување од 30%;
На вработените во категоријата Б (раководители) намалување од 20%;
На вработените во Категоријата В групи В1 и В2 намалување од 10%.
Затоа во оваа прилика уште еднаш сакаме да апелираме до Владата при разгледување на предложените мерки од политичките партии и носење на Одлука по истите, а со цел да не се предизвикаат социјални немири, во преден план да ја има економската и материјалната состојба на вработените и како истата да се подобри во ова време на криза, а не вработените да се доведат во ситуација да не можат да ги подмират основните потреби за живот.

Синдикат на УПОЗ