Во Македонија постојат неколку професии кои секој квартал се издвојуваат по висината на приходите.
Вработените во воздухопловен транспорт во август годинава имале бруто 90.299 денари, во компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 86.412 денари, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати – 63.707 денари, финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови – 63.347 денари и телекомуникации – 61.626 денари.
Зад нив се вработените во секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 57.157 денари, дејности на организации врз база на зачленување – 55.262 денари, осигурување, реосигурување и пензиски фондови, освен задолжително социјално осигурување – 54.891 денар, складирање и помошни дејности во превозот – 54.689 денари и правни и сметководствени дејности – 53.008 денари.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во август 2018 година, во однос на август минатата година е 105.6.
Ваквото зголемување е резултат на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Информации и комуникации (14.7 отсто), Преработувачка индустрија (11.4 отсто) и Земјоделство, шумарство и рибарство (10.9 отсто).