Која општина одвоила повеќе средства за справување со енергетската криза, а која за надминување на ценовниот шок. Дали општините ги насочија мерките кон граѓаните или кон компаниите, и колку ги намалија трошоците за енергија? Овие прашања ги анализираше Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, кои откриле дека некои општини повеќе се фокусирале на справување со енергетската криза, а други кон справување на ударот од растот на цените на храната.
– Општина Прилеп има издвоено најмногу буџетски средства во апсолутен износ во 2022 година за справување со енергетската криза и кризата со цените на храната. Сепак, со релативно мал буџет, Општина Пласница процентуално одвоила најмногу буџетски средства за инвестиции во капацитетите за енергетика и водоснабдување, во однос на вкупниот буџет на општините, односно 37,25 отсто. Процентуалното учество на антикризните мерки во вкупните буџети на општините е помало кај поголемите општини и за анализираните општини, со исклучок на Општина Пласница, во просек изнесува 5,1 проценти – истакнуваат аналитичарите на „Фајненс тинк“.
Нивната анализа покажала дека во рамки на вкупните средства за антикризните мерки, во 2022 година, најголемо учество имаат активностите насочени кон справување со енергетската криза, со процентуално учество во опсег помеѓу 84 – 99 отсто од вкупниот буџет за антикризни мерки. Остатокот од средствата, во значително помал обем, се алоцирани кон мерки за социјална заштита и обезбедување основни прехранбени производи.
– Најмногу средства за мерки во областа на енергетиката имаат одвоено Општините Охрид и Пласница (99 отсто од вкупниот антикризен буџет), додека за обезбедување храна и социјална заштита најголем буџет во апсолутен износ имаат Општините Битола и Прилеп (15,4 проценти и 11,7 отсто). Општина Ресен се истакнува со најголемо процентуално учество на буџетски средства од 15,7 проценти за социјална заштита и справување со кризата на цените на храната – нагласуваат од „Фајненс тинк“.
Од институтот појаснуваат дека со предизвиците кои се наметнаа од зголемените трошоци за енергија најмногу се согледуваат преку одлуките на општинските Совети за заштеда или за субвенционирање на претпријатија што сервисираат клучни услуги за граѓаните.
– За време на енергетската криза, дел од општините ги поскапија комуналните услуги, дел го презедоа зголемениот трошок на сопствен товар. Потрошувачката за јавно осветлување во 2022 во споредба со 2021 година е намалена за 22,7 отсто, во најголем дел поради преземените мерки за енергетска ефикасност и редуцирање на јавното осветлување, но и поради фактот што потрошувачката за осветлување може да биде инкорпорирана во друга категорија. Како резултат на зголемените сметки за енергија, општините скратиле дел од капиталните расходи, но ги задржале енергетските проекти кои се покажале како поприоритетни. Од програмските активности на општините, видлив е зголемениот напор за енергетска независност, намалување на трошоците за енергија и инвестирање во поголема енергетска ефикасност – се наведува во анализата на Институтот.
Поради кризата, во 2022 година општините добија одобрение од Регулаторна комисија за енергетика да основаат претпријатија за производство на електрична енергија од обновливи извори, чиј вишок може да се продава и на слободниот пазар. Кај одредени општини веќе од 2023 година има зачестени инвестиции во фотоволтаични панели на крововите на училиштата.
Аналитичарите посочуваат оти позитивната страна на антикризните мерки од општините е што не се поклопуваат со владините мерки и нема удвојување на поддршката. Сепак, посочуваат дека, кога станува збор за социјалната заштита, многу мал дел од мерките и буџетските средства се наменети за обезбедување основни прехранбени производи за најранливите категории на граѓани.
– При анализа на програмите за локален економски развој, за социјална заштита и за заштита на животната средина се забележува тренд на пресликување од година во година или бавно прилагодување на активностите согласно потребите. Потребен е редовен мониторинг и евалуација на преземените активности од претходните години, со цел утврдување на успешните мерки и активности, а отфрлање на помалку ефикасните. Кај дел од програмите на општините, не е јасно колкав дел од средствата се наменети за активности за конкретна година – укажуваат од „Фајненс тинк“.