Се проценува дека ова е резултат на силната побарувачка во САД, потврдена со падот на залихите и геополитичките тензии околу американските царини за увозот на нафта од Венецуела.
Цената на нафтата порасна на светските берзи. Барелот на лондонскиот пазар достигна 73,90 долари, додека на американскиот 69,94 долари. Ова е резултат на силната побарувачка во САД, потврдена со падот на залихите и геополитичките тензии околу американските царини за увозот на нафта од Венецуела.
Трговците ги загрижува американската најава дека ќе воведе царини на земјите кои купуваат нафта од Венецуела.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување секундарни царини од 25% за земјите кои купуваат нафта од Венецуела од 2 април. Оваа одлука, покрај веќе постоечките санкции кон Кина и Иран, може дополнително да го наруши глобалното снабдување и да го зголеми притисокот врз цените. Кина пред два дена го запре увозот на венецуелска нафта, при што трговците и рафинериите изјавија дека го чекаат следниот потег на Вашингтон и инструкциите од Пекинг.
Венецуела, која со години зависи од извозот на нафта, може да изгуби повеќе од 4,9 милијарди долари годишно, што е повеќе од 10% од нејзиниот БДП.
Според американнското Министерство за енергетика залихите на сурова нафта во САД минатата недела паднаа за 3,3 милиони барели, а залихите на бензин за 1,4 милиони барели. Незначително паднаа и залихите на дестилати, за 420 илјади барели. Тоа укажува на силна домашна побарувачка.
Посилниот раст на цените беше запрен од шпекулациите дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници пумпаат повеќе нафта на пазарот со што се компензира загубата од 1,5 милиони барели дневно од иранскиот извоз.
Групацијата веќе објави дека од април ќе пушти дополнителни околу 138.000 барели нафта дневно на пазарот.
ОПЕК одделно објави дека барел од кошничката нафта на нејзините членки во вторникот поскапе за 63 центи на 75,74 долари.