Актуелно 29.05.2024 08:43

Скопјани платиле над 44 милиони евра за парно, но и тоа не било доволно за ЕСМ

Скопјани платиле над 44 милиони евра за парно, но и тоа не било доволно за ЕСМ

ЕСМ направил речиси 10 милиони евра загуба во првата целосна година откако го презема управувањето на Балкан Енерџи за да обезбеди топлинска енергија за загревање на скопјани.

„ЕСМ Дистрибуција“ во 2023 направила трошоци од безмалку 53 милиони евра (3.228.648.081 денари) за обезбедување на гас и топлинска енергија, а загубата била 9,62 милиони евра (-587.342.123 денари).

Наплатата на сметките за парно греење од страна на „ЕСМ Снабдување“ во текот на 2023 од граѓаните и правните лица изнесувала 44,7 милиони евра, а приближно толку биле и прикажаните трошоци на ова новоформирано претпријатие од АД ЕСМ во текот на енергетската криза. Позитивен исход има единствено „ЕСМ Производство“ кои од работењето на топланите има 15 милиони евра и добивка од околу 2,78 милиони евра.

Сите три фирми-ќерки на ЕСМ кои го заменија работењето на оние на Балкан Енерџи Груп, според достапните податоци, во просек имаат над стотина вработени.

Според она што тогаш дојде како најава од Регулаторната комисија за енергетика, пред една година ЕСМ Дистрибуција бараше зголемување на тарифата за 50 насто, ЕСМ Снабдување за 54,2, а ЕСМ Производство намалување од 29,42 отсто, но сепак беше одредено од 1 јули 2023 цената да не се зголемува радикално.

Во меѓувреме во текот на 2024, поради стабилизацијата на цените на гасот и благите температури, РКЕ соопшти дека се намалува цената за 35 отсто за деловните корисници и за јавните установи.

АД ЕСМ од јануари 2022 влезе во привремено управување на фирмите-ќерки на Балкан Енерџи Груп кои ги загубија трите лиценци за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија.

Во меѓувреме БЕГ и неговите три фирми-ќерки и натаму собираат приходи. Балкан Енерџи Производство има наплата од 5,85 милиони евра и добивка од 4,55 милиони евра со само двајца вработени. Не е познато дали овие пари се од заостанати неплатени сметки, или од ЕСМ.