Актуелно 18.09.2023 10:01

Скопска фирма сврте 20 милиони евра од продажба на замрзнати риби и пилешко

Скопска фирма сврте 20 милиони евра од продажба на замрзнати риби и пилешко

АД Метро, компанијата која пакува и ги опслужува нашите маркети со замрзната риба и морски плодови, но и со замрзнато пилешко месо и други производи, лани достигна остварени приходи од 20 милиони евра, покажува ревизорскиот извештај објавен на „Македонска берза“. Безмалку 12,5 милиони евра од продажбата се остварила на домашниот пазар.

Скопската компанија, чии деловни партнери низ светот се занимаваат со улов, производство и бродски транспорт на риба и морски плодови, го оствари својот најдобар резултат во историското постоење, ако се знае дека само до пред некоја година приходите беа двојно помали.

„Метро“ за 2022 оствари за околу 2,2 милиони евра подобар финансиски резултат, иако добивката е скромна во однос на приходот и изнесува околу 115.000 евра, остварени со 80 вработени.

Сопственици на „Метро“ се Јован Милошевски, Бошко Цветановски и Јовица Делевски со акционерско учество од по 30 отсто, додека Правда Милошевска и Стела Цветановска имаат удели од по 5 проценти.

Деловните резултати на „Метро“ му овозможиле да инвестира во нов објект во Општина Петровец од 3 милиони евра и да достигне кредитно задолжување од 7 милиони евра. Струјата што била платена во енергетската криза лани изнесувала 560.000 евра.

Владата претходно објави „Метро“ од оваа година ќе биде дел од ИПАРД-програмата, поради континуираното инвестирање во модернизација и опремување.